ИНТЕРВЈУ | Драган Секуловски, извршен директор на Здружението на новинари на Македонија: Квалитетното новинарство на национално ниво е важно за европските институции

Драган Секуловски / Приватна архива

Здружението на новинари е партнерска организација од Северна Македонија во проектот „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија- ЈУФРЕКС“, во рамки на Хоризонталниот инструмент  2, заедничка програма на Европската Унија и Советот на Европа. Проектот започна во 2019 година. По тој повод разговараме со Драган Секуловски, извршен директор на Здружението на новинари на Македонија.

СП: Како тече соработката во рамките на овој Проект и има ли позитивни поместувања во однос на слободата на изразување кај нас?

ДС: Преку соработката со Програмската канцеларијата на Советот на Европа во Скопје, а во рамки на проектот ЈУФРЕКС, Здружението на новинари на Македонија успева во остварувањето подобри резултати согласно своите стратешки цели зацртани за 2020-2022. Имено, на речиси сите настани освен група новинар(к)и кои имаат искуство на конкретните теми како што се известувето за прашања во врска со судството, правните прашања, работата на Собранието и слично, присутни беа и вистинските лица кои можат да донесат одлуки. Токму одговорните минист(е)р(к)и, претседател(к)и,  суди(јк)и како и Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија и пратеници/чки имаа прилика да ги слушнат ставовите на новинар(к)ите кои беа вклучени, но и на локалната и меѓународната експертска јавност. Како директен резултат на оваа соработка се измените и дополнувањата на два важни закони кои се во моментов во собраниска процедура, а преку чија имплементација се очекува значително да се подобри безбедноста на медиумските работници/чки во наредните години.

 СП: Каков е Вашиот впечаток, како ЕУ гледа на новинарството во Северна Македонија?

ДС: Квалитетно новинарство на национално ниво е важно за европските институции бидејќи на тој начин преку професионалното известување може полесно да се пренесат позитивните европски трендови и европски вредности воопшто, кои ЕУ ги промовира до македонските граѓани. Сепак, освен годишните новинарски награди поддржани од Европската комисија во Скопје како и неколкуте други примери на поддршка, ЕУ генерално нема политика директно да поддржува професионална медиумска содржина во земјата, а тоа е нужно во услови кога медиумскиот пазар е мал и едноставно нема средства за добри медиумски инцијативи.

СП: До каков заклучок дојдовте во изминативе 2 години откако се спроведува Проектот – колку европските стандарди и најдобри практики се применуваат во македонското новинарство во однос на слободата на изразување?

 ДС: Во нашата земја има позитивни примери на квалитетно новинарство кои влијаат институциите подобро да работат во полза на граѓан(к)ите. Тоа се забележува и од бројот на апликации кои пристигнуваат до Здружението на новинари за годишните новинарски награди. Тоа што недостасува се  ресурси во секторот кои можат на системски начин, не да ги помогнат самите медиуми, туку да ги помогнат професионалните новинар(к)и да можат да продолжат да бидат корисни за општеството преку својата работа. Посебна поддршка е нужна кај оние локални и регионални медиуми кои се корисни за своите локални заедници и работат на прашања кои се од локален јавен интерес.

СП: Новинарството во изминатава година ипол се стави на посебен тест. Каква е професионалноста на новинар(к)ите во време на пандемија? Како ги пласираат информациите, има ли доволно информации? И од друга страна, како гледате на тие од кои доаѓаат информациите? Дали сметате дека беа доволно трапспарентни и прецизни во информирање на јавноста?

ДС: Пандемијата која сѐ уште трае едноставно трајно го измени новинарството. Позитивно е што институциите беа приморани да развиваат дигитални алатки за транспарентност, но секако не сите успеаа во тоа. Сепак, има и позитивни примери за ова, како на пример кога  дел од носителите на јавни функции имаа поредовни брифинзи за новинарите онлајн, пракса која претходно не била застапена. Сепак, негативните последици за секторот се далеку побројни од позитивните. Дел од истите се намалување на и така малиот медиумски пазар со што се намалува дополнително понудата за квалитетно новинарство па дури и она дневното. Освен тоа, новинар(к)ите, а посебно снимател(к)ите и фоторепортер(к)ите, беа многу повеќе изложени и сѐ  уште се изложени на ризик да бидат заразени со ковид -19 во споредба со некои други професии. Снимател(к)ите едноставно не можат да работат од дома и потребно е со новинарите да се на терен, а тоа во околности на пандемија е здравствен ризик.

СП: Какви се активностите на Советот на Европа на тема слобода на изразување и дали истите на некој начин ја поддржуваат и вашата работа во однос на позитивни примери и практики, достапност на литература и друг вид на поддршка?

ДС: Здружението на новинари има чести контакти со претставници/чки од Советот на Европа и Република Северна Македонија како членка на оваа политичка организација има привилегии,но и обврски. Јас лично, но и  моите колешки и колеги од ЗНМ, речиси никогаш не забораваме на средби со политичар(к)и и носител(к)и на јавни функции дека судската пракса во која странка е новинар/ка мора да е во согласност со Европската конвенција за човекови права и Судот во Стразбур. Освен тоа, Република Северна Македонија е потписничка на Препораките на Советот на Европа CM/Rec (2016) 4 на Комитетот на министри до земјите – членки за заштита на новинарството и безбедноста на новинар(к)ите и другите медиумски актер(к)и и обврските како земја, за жал,  сѐ уште ги немаме исполнето во врска со овој документ. Така што, документите на Советот на Европа како и знаењето кое го добиваме од таму ни помага во поефикасна аргументација на нашите заложби пред надлежните за гарантирање на слободата на изразување и безбедноста на новинар(к)ите.

СП: Во време на ваков информациски прогрес и онлајн новинарство, се отвора и голем простор за злоупотреба на слободата на изразувањето. Какви препораки доаѓаат од Европската Унија и Советот на Европа? Какви активности треба да се преземат,  можеби како дел од вашите идни активности како партнерска организација?

ДС: Полошо од злоупотреба на слободата на изразување е недостатокот на ефективна реакција од надлежните органи, како што е Јавниот обвинител во Скопје, што честопати води до неказнивост. Слободата на изразување не е апсолутно право и кога со злоупотреба на истото ќе се прекрши друго право, тогаш граѓанските организации можат да го вклучат алармот со цел да укажат на штетните последици. Но, Владата и правосудството се тие кои треба да превенираат и казнат злоупотреби. Посебен проблем е толеранцијата не експлицитниот говор на омраза, посебно на социјалните мрежи, како и заканите и повиците за насилство кон критични новинар(к)и. Измената и дополнувањата на Кривичниот закон за подобрување на безбедноста е чекор напред, но потребно е многу повеќе да се работи во градење на капацитетите на институциите заедно во соработка со новинар(к)ите со цел примената на законите да биде во согласност со Европските стандарди.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот