ИНТЕРВЈУ Диме Стефановски: Бадминтонот е најбрз рекетен спорт, неодолив за сите кои ќе го пробаат!

Занимливо е тоа што според најновите мерења, перцето при смеч се движи со брзина од 493 км/ч

Веб порталот на „Слободен печат“ направи ексклузивно интервју со претседателот на Бадминтон федерацијата на Македонија, Диме Стефановски околу најновите случувања во овој спорт.

Колку се дава значење на македонскиот бадминтон во нашата земја, со какви предизвици се соочува, кои се најголемите досегашни остварувања, околу самите услови за тренирање и многу повеќе, прочитајте во продолжение.

Како го поминувате периодот, како оди комуникацијата со клубовите, играчите, со оглед на тоа што голем број спортски натпреварувања беа одложени поради пандемијата на Ковид-19?

– Поради новонастанатата состојба со пандемијата на Ковид-19, од март па наваму, а согласно препораките на КЗБ и Владата на РСМ, а од причина што бадминтонот се игра исклучиво во сала, прекинати се сите предвидени активности. Националниот шампионат е прекинат во 4 коло одиграно на 01.03, па претпоставуваме дека од септември ќе бидат доиграни преостанатите две кола. Тренинзите во сала не се сеуште отпочнати, а клупските тренери единствено работат на отворено со кондициони тренинзи. Во месец мај отпочнаа и со онлајн тренинзи со вежби на играчите во домашни услови, но со завршетокот на учебната година и отпочнување на летниот распуст, и тоа застана. Единствено селекторот Горан Тасевски континуарано работи со пет натпреварувачи, со запазување на сите мерки на заштита од коронавирусот (работи на четири корта за да нема близок контакт). Овие пет натпреварувачи се пријавени за настап на повеќе Европски и Светски турнири кои се бодуваат за јуниорска и сениорска ранг листа, и со ова ги одржува во форма, бидејќи сите закажани термини се откажани, и се чека на нови.

Како последна информација доаѓа од Бадминтон федерацијата на Македонија дека за првпат во историјата онлајн беше одржано редовно годишно Собрание на Светската бадминтон федерација (BWF). За што се дискутираше и какви евентуални одлуки беа донесени?

– Оваа година Годишното редовно Собрание на BWF се одржа за прв пат виртуелно. Нормално, требаше да се одржи во Данска, но пандемијата го спречи. На Виртуелното Собрание учество земаа повеќе од 150 делегати, меѓу кои и претставник на Македонија. На истото, се усвои Финансискиот извештај, се усвоија неколку статутарни измени, се утврди висината на годишната членарина и се изгласа собранието во 2021 година, ќе биде и изборно (за Претседател и Извршен одбор) да се одржи во месец мај во Кина.

Кажете ни нешто повеќе за поимот бадминтон, со цел подобро да биде запознат кај македонската, спортска јавност?

– Бадминтонот е еден од постарите светски спортови, настанат уште од 14 век. Го зазема местото во групата на космополитски спортови. Како официјален спорт се претставува во 1877 кога е основан првиот бадминтон клуб во Англија. Меѓународната бадминтон федерација (BWF) е основана во 1934 година, моментно брои повеќе од 200 членки, а тој факт ја вбројува меѓу најголемите светски спортски федерации. Бадминтонот е Олимписки спорт од 1992 година. Бадминтон федерацијата на Македонија е основана во 2003 година, но со позначителна активност се појавува од 2006 година. БФМ е активна и рамноправна членка на Светската, Европската и Балканската федерација. Во Македонија редовно се одржува годишен Национален шампионат во кадетска, јуниорска, сениорска категорија и категорија за ветерани и рекреативци. Истиот се игра во шест кола.

Неколку занимливости:
– Бадминтонот е најбрз рекетен спорт. Според најновите мерења, перцето при смеч се движи со брзина од 493 км/ч
– Бадминтонот е еден од најмасовните светски спортови, веднаш после фудбалот. Во 2018 година во Светската Бадминтон федерација се пријавени повеќе од 2,4 милиони регистрирани натпреварувачи.
– Бадминтонот е еден од најнапорните спортови. Еден просечен професионален меч, кој се игра во два добиени гема до 21 поен, трае од 25 до 40 минути. Во кортот кој е со димензии 13м на 6м, играчот претрчува во просек по 6 км и тоа со експлозивни движења, скокови и смечови. Доколку го споредиме со фудбалот, каде за 90 мин, фудбалерот претрчува околу 12км во многу поспора динамика, тогаш можете да претпоставите што значат 6км за 30 минути во бадминтонот, или по овој размер за 90 мин во бадминтонот, играчот би претрчал 18км.

Дали доволно се вложува во овој спорт, што е потребно за уште повеќе да се промовира?

– Бадминтонот, за жал е лимитиран спорт. Причината е што се тренира и игра во сала, таа сала мора да е со минимум пропишани димензии, а такви се малку. Од друга страна, ние немаме наша сала, па секоја година водиме „војна“ за обезбедување на термини во школските спортски сали, и никогаш однапред не знаеме колку термини ќе добиеме. Доколку во една сала може да се постават четири корта (што е нормално), значи може да работат најмногу 16–20 натпреварувачи. Како пример – во Скопје имаме обезбедено термини во шест сали, што значи дека не можеме да примиме повеќе од 120 членови – деца, иако барањата за зачленување се многу поголеми. Медиумската застапеност е барем засега мала. Финансискиот дел го покриваме со буџетски дел од Агенцијата за млади и спорт на РСМ – сразмерно на нашата национална и меѓународна годишна програма, со спонзорства од љубители и помош во опрема од наши пријатели од европските федерации кои се во секоја смисла многу поразвиени.

Кои се најголемите успеси досега на нашите натпреварувачи во машка и женска конкуренција на меѓународната сцена?

– Во моментов сме најдобри во јуниорска конкуренција. 2019 година нашите Иван Пејоски и Леонид Стојанов го заземаа 131 место во машки двојки на Европската Јуниорска ранг листа. Доколку земете во обзир дека во Европа се регистрирани повеќе од 800.000 натпреварувачи во кадетска, јуниорска и сениорска категорија, можете да замислите колку е тешко да се влезе меѓу 150 на ранг листа. Ина Стефановска, која настапува во Сениорска категорија е меѓу 500 најдобри на светска ранг листа и меѓу 200 на европска. Ова за нас, со овие услови е повеќе од задоволително. Инаку, во минатата јуниорска генерација имавме и позначителни успеси:

– Васил Пујовски освои два златни медали на Европски турнир за јуниори во Израел
– Филип Михајловски се натпреварува во Германското Национално првенство
– Како екипа во екипна категорија Македонија е трикратен носител на бронзен медал на балкански Шампионати во категорија У13 и У15
– Во 2018 Македонија беше домаќин на Балкански Шампионат за Ветерани (прогласен за најмасовен и најуспешно организиран) во постоењето на Балканската Асоцијација. Учествуваа 12 земји и повеќе од 200 натпреварувачи. Нашите натпреварувачи освоија три златни, два сребрени и 11 бронзени медали, а како најуспешен македонски ветеран се покажа Лидија Мано Илиев.

Какви се идните планови на федерацијата, со оглед на ситуацијата со коронавирус, дали е добиен веќе Протоколот за одржување на тренинзи и натпревари во следниот период?

– Идните планови се врзани со продолжување на успешни настапи на меѓународен план, а на национален остануваме на определбата за омасовување на бадминтонот, и тоа со акцент на продор во основните училишта на цела територија на РСМ, каде сметаме дека е нашата база во овој момент од развојот. Но, Протоколот се уште не е дефиниран, од причина што сме условени со работа со училиштата и училишните спортски сали.

И на крајот што би им препорачале на помладите кои сакаат да се занимаваат со бадминтон и спортот воопшто?

– Препорака до сите млади е да не го занемаруваат спортот, да го практикуваат во сите облици и форми, и како рекреативен, и како аматерски, и на крај како професионален. Што се однесува до бадминтонот, најтопло го препорачувам. Тоа е спорт за сите возрасти и полови, од 7 до 77 години. Напорен, но неодолив за оној кој еднаш ќе го проба. Безопасен, и што е многу важно за наши услови, многу евтин, спорт кој може секој да си го дозволи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот