Интервју | Борис Георгиевски, градоначалник на Општина Гази Баба: Како мало градилиште сме, брзаме секаде да направиме нешто

Првиот човек на Гази Баба зборува за реализираните и за идните проекти, со кои се обидува да ги реши проблемите што со години ги мачат граѓаните

-Кои се приоритетите што планирате да ги сработите во општината Гази Баба во последниве месеци од Вашиот актуелен мандат?

– Без оглед на тоа што оваа година е изборна, Општина Гази Баба продолжува според својот план за работа во реализирање на планираните проекти. Остануваме посветени и оваа година, како и во изминатите три, во решавање на системските проблеми што со години ги мачат граѓаните. Приоритет на кој остануваме посветени е изградбата на водоводни и на канализациски мрежи, како и подобрување на патната инфраструктура во населените места. Продолжува изградбата на водоводната мрежа во населеното место Раштак, таму веќе работиме на мрежата на четири краци, а паралелно жителите веќе поднесуваат барања за приклучоци кон водоводната мрежа и поставување водомери и шахти. Во Булачани водоводната мрежа е завршена и домаќинствата се поврзани на водоводната мрежа. Очекувам годинава да ја завршиме и изградбата на примарната канализациона мрежа во Јурумлери, Смилковци, Гоце Делчев, Трубарево и Попово Маало, а ќе биде започната изградба на канализациска мрежа во населените места Црешево и Страчинци. Со овие големи капитални проекти конечно ги решаваме децениските проблеми што ги имаа овие населени места, како немање вода за пиење или канализација. Продолжуваме со инвестициите во основното образование и во детските градинки, за нивна реконструкција и подобрување на условите во кои престојуваат нашите деца. Оваа година започнавме и уште неколку капитални проекти, како изградба на новата училишна спортска сала во ОУ „Кирил и Методиј“, на нов дневен центар за деца со посебни потреби и центар за сензорна интеграција.

-Можете ли да ни издвоите неколку проекти на кои сте горд и кои успеавте да ги реализирате за време на мандатот? Има ли нешто што сакавте, но не успеавте да го реализирате?

– Кога ја презедов функцијата градоначалник, наследив една општина која беше целосно заборавена и многу задолжена. Општина во која имаше населени места без основни услови за живот, без вода и канализација. Немаше ниту еден основен или, пак, идеен проект кој од претходно бил подготвуван. Денес во Гази Баба се градат улици, водоводи, канализациски мрежи, се градат училишта, градинки, нови спортски сали. Како едно мало градилиште сме и брзаме да постигнеме секаде да направиме нешто. Би ги издвоил новата училишна зграда и новата спортска сала, кои заедно со Владата ги изградивме во ООУ „Вера Јоциќ“ во Хиподром. Конечно таму по 20 години учениците добија нова спортска сала и нова училишна зграда. Следен проект кои би го потенцирал е изградбата на новата градинка во Стајковци, нешто што со години претходно им беше ветувано на жителите, сега станува реалност и оваа година ја отвораме градинката, изградена со средства на општината. Голема важност има и проектот за изградбата на новиот дневен центар за деца со посебни потреби, како и центарот за сензорна интеграција, бидејќи им помагаме на дечињата, но пред сѐ на нивните семејства во згрижување и инклузија на оваа група дечиња. Би ги спомнал и инвестициите во училиштата и во градинките. Како општина годишно одвојуваме до 15 милиони денари за капитални инвестиции во училиштата и градинките, за нивно реконструирање и опремување. Успеавме со посветена работа да отвориме и нови 220 места во детските градинки со проширување на капацитетите во „Калинка“ во Железара и „Морковче“ во Јурумлери. Започнавме и со изградба на централната кујна за градинката „Детска радост“ во објектот „Калинка“. Целосно е реконструиран булеварот Александар Македонски и улицата Благоја Стефковски, каде се изградија и нови пешачки и велосипедски патеки. Ја вративме довербата кај инвеститорите, па така успеавме да донесеме неколку нови инвестиции како „Скопје ист гејт“, а наскоро започнува и нова инвестиција за нов кванташки пазар. Има и такви што не успеавме да ги реализираме поради пандемијата со коронавирусот. Предвидовме средства за уредување 15.000 м2 зеленило и јавни површини, уредување маалски паркови и училишни дворови и дворовите на градинки, проект што се надевам дека годинава ќе успееме да го започнеме.

– Едно од Вашите предизборни ветувања беше дека еден од главните приоритети ќе Ви бидат т.н. младинските политики, со цел да ги задржите младите во земјава наместо да се иселуваат во странство. Успеавте ли да ја реализирате оваа цел?

Токму така, еден од приоритетите и целите што си ги поставивме беше како општина да бидеме партнер на младите, да ги поддржиме во нивните амбиции и да подадеме рака во остварување на нивните соништа тука дома, во својата општина и својата земја. Дали сме успеале докрај во тоа, ќе треба да кажат младите. Она што овој период како општина со посветена работа го правевме за младите беше доделувањето грантови за поддршка на нивна бизнис-идеја со цел самовработување. Тој грант е 60.000 денари и покрај тоа заедно со Ресурсниот центар вршевме и стручна поддршка во насока на тоа како нивната бизнис идеја да биде издржана на пазарот. Го започнавме процесот на дуално образование каде што заедно со компаниите правиме доусовршување и преквалификација за стекнување на занаетчиски вештини. Овој проект веќе ги даде резултатите, па првите 20-ина пријавени кандидати беа на практична работа во „Факом“ и веќе добија работно место во компанијата. Доделуваме стипендии на талентирани ученици и спортисти, кои од 2019 година ги зголемивме за дополнителни 3.000 денари. Грант од 200.000 денари за студенти иноватори, и до сега имаме доделено грантови за шест проекти на студентите од факултетите кои се на територија на општината. Започнавме и постапка за формирање младинскиот совет, со самостоен буџет од 2 милиони денари годишно за реализирање на младински проекти. Се надевам дека сите овие проекти што сме ги презеле, придонесле во нашата намера на младите од Гази Баба да им понудиме можности тука, во својата општина.

– Што презедовте како градоначалник за расчистување на депонијата Вардариште? Можат ли граѓаните наскоро да очекуваат решавање на деценискиот проблем со неправилното одлагање и спалување отпад на депонијата?

Горд сум зошто нашата визија како и визијата на невладините организации и целата јавност беше насочена кон подготовката на ДУП за овој простор. Успеавме и го донесовме. Таму не се предвидува депонија, складирање или спалување каков било отпад, туку зазеленување, односно простор за спорт и рекреација. Со направените студии и елаборати што ги имаме, предвиден е процесот на санација и рекултивација на просторот. Предложеното решение за санирање и покривање на депонијата е во потполност усогласено со директивата на ЕУ за санација на депониите. Потребно е ангажирање експерти од повеќе области за натамошно облагородување на овој простор. Министерството за животна средина, Општина Гази Баба и Владата, заедно подготвија повеќе можни сценарија во прилог на заживување на овој простор. Прва обврска што општината ќе ја реализира е изградба на пешачка и велосипедска патека од мостот кај „Мерцедес“ до железничкиот мост во Лисиче, со должина од близу 8 километри. Така добиваме безбедна патека, уредена и осветлена, на располагање на граѓаните.

– Еден од капиталните проекти што го најавувавте заедно со Град Скопје и Општина Аеродром е изградбата на булеварот АСНОМ. До каде е неговата реализација?

Ова е уште еден капитален проект што Општина Гази Баба го добива. Нешто што со години наназад било само ветувано, сега станува реалност. Новиот булевар АСНОМ, кој ќе ги поврзува општините Гази Баба, Аеродром и Центар, за нас има големо значење бидејќи граѓаните од Гази Баба за помалку од 5 минути ќе имаат брза сообраќајна врска со овие општини, како и пешачка и велосипедска патека. Овој нов булевар ќе придонесе да се намали сообраќајниот метеж на булеварот Киро Глигоров и на раскрсницата кај „Континентал“. Што се однесува до булеварот АСНОМ, веќе првата фаза е завршена во делот од страната на Општина Аеродром. Таму булеварот е пробиен и веќе е во употреба од хотелот „Хилтон“ до хотелот „ Русија“. Одлично напредува изградбата на мостот преку реката Вардар, кој треба да ги поврзе Аеродром и Гази Баба, а паралелно градот ја води постапката за експропријација на земјиштето во населбата Ќерамидница за куќите каде што ќе поминува овој булевар. Очекувам оваа година да започне и пробивањето на булеварот и од наша страна, кој треба да заврши на раскрсницата со булеварот Гоце Делчев кај новиот трговски објект „Скопје ист гејт“. Овој голем капитален проект од за мене неразбирливи причини беше блокиран од Советот на Општина Гази Баба, каде мнозинството од Советот, тогаш го имаше токму ВМРО-ДПМНЕ. Иако постоеше едно алтернативно решение, со нов коридор, кое опфаќаше уривање само 20 куќи и заштедуваше 5 милиони евра, сепак беше блокиран од ВМРО-ДПМНЕ, па го оставивме веќе постојниот коридор, кој пак опфаќа уривање 100 куќи, со што се зголемуваат трошоците за експропријација. Она што следно заедно со Град Скопје ќе го работиме е реконструкција на улицата Перо Наков.

Не сум оптоварен со прашањето за втор мандат

– Засега е многу рано да се размислува за локалните избори, па јас воопшто не сум оптоварен со тоа прашање. Во изминатите години започнавме и реализиравме повеќе проекти, кои значат подобар живот за граѓаните во општината, но сепак тие на крајот го имаат последниот збор дали се задоволни или не од сработеното. Јас лично сум посветен на тоа да ги сработиме зацртаните проекти за оваа година, како и проектите што се веќе претходно почнати. Тоа е она на што сум концентриран и каде ми е насочена целата енергија. Секако наскоро ќе започнат и внатрепартиските консултации и подготовки за локалните избори, па тогаш, здравје, ќе размислувам на таа тема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот