Интернационален проект: „Допирот“ е дел од програмата „Ние сме тука: идни екологии“

Националната галерија, во партнерство со Британскиот совет и агенцијата „Лукс“, го најави интернационалниот проект со наслов „Допирот“, дел од „Ние сме тука: идни екологии“, а куриран од Ана Франговска. „Идни екологии“ е една од петте уметничко-филмски програми на проектот „Ние сме тука“, програма за уметнички движечки слики развиена од Британскиот совет и „Лукс“, агенција за уметност со седиште во Лондон која ги поддржува и промовира практиките на уметнички движечки слики. Секоја од програмите е курирана околу темата за национален идентитет, маргиналност, интимност, иднина и архивирање. „Ние сме тука“ обработува дискурси за влијанието на оваа тема кај младите, но и кај етаблираните современи уметници со седиште во Велика Британија или Обединетото Кралство, истражувајќи ги преку биографија, документарци, поезија и фантастика. Куратор на програмите е Тендаи Џон Мутамбу.

Загадувањето, урбаниот развој, приватизацијата и експлоатацијата на јавните простори се вознемирувачка реалност на Западен Балкан. Од почетокот на проектот, екологијата се појавила како тема што го обединува регионот, така што намерата на оваа програма за движечки слики е да се придвижи кон првите разговори на тие клучни теми. Во основата на овој проект лежи размената со Велика Британија преку изложби и разни други поврзани настани наменети за пошироката публика.

Проектот почна на почетокот на 2020 година, кога се одржа отворен повик за куратори, по што македонската кураторка Ана Франговска, заедно со останатите куратори Елијан Стефа од Албанија, Армина Пилав од Босна и Херцеговина, Енгел Бериша од Косово, Наталија Вујошевиќ од Црна Гора и Наталија Пауниќ од Србија, беа избрани да изработат изложбени концепти за нивните земји. Македонскиот концепт на Ана Франговска е насловен „Допирот“ и се однесува на „смртоносниот“ допир на човекот кој остава зад себе, свесно или несвесно, голема штета на целата планета, нејзините живи видови и нивните живеалишта.

Покрај изборот на дела со движечки слики од проектот „Ние сме тука: идни екологии“, вклучени се и тројца македонски уметници и проекти што се занимаваат со прашања од областите екологија, миграција, идентитет, прифаќање на другиот во општеството, правење убавина од грдото, а тоа се Кристина Пулејкова, Велимир Жерновски и Елпида Хаџи-Василева. Изложбата ќе биде отворена на 15 септември во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, а истата ќе биде придружена со голем број активности што ќе се одвиваат преку цела година.

Прва во низата активности кои го промовираат проектот беше вебинарот насловен „Екологија на мислата“, модериран и куриран од Ана Франговска, а на кој учествуваа Небојша Вилиќ, Ивана Васева, Славица Јанешлиева, ОПА, Велимир Жерновски, Кристина Пулејкова и Елпида Хаџи-Василева.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 71, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 6-7 март 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот