Интеграцијата во ЕУ заплеткана меѓу уставните измени и реформите во Унијата

Македонија и ЕУ/ Фото: Слободен печат/ Архива

Дел од размислувања на познавачите на состојбите се дека изјавата на Мишел е нов сигнал и целосна пресвртница во политиката на ЕУ кон Македонија и регионот кога станува проширувањето, додека други експерти пораките на Макрон ги толкуваат како антипроширувачкото расположение кое одамна е присутно во земјите низ ЕУ.

Изјавата на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во која тој порача дека до 2030 година ЕУ мора да биде подготвена за ново проширување со земјите од Западен Балкан меѓу кои е и Македонија дадена во исто време со пораката на францускиот претседател Емануел Макрон во која тој пак од друга страна истакна дека Унијата пред какво било идно проширување најпрво треба внатрешно да се реформира наметна низа дилеми и спротивставени размислувања во домашната експертска јавност кога станува збор европскиот пат на земјава.

Дел од размислувања на познавачите на состојбите се дека изјавата на Мишел е нов сигнал и целосна пресвртница во политиката на ЕУ кон Македонија и регионот кога станува проширувањето на Унијата, додека други експерти пораките на Макрон ги толкуваат како антипроширувачкото расположение кое одамна е присутно во земјите низ ЕУ.

Според нашите соговорници, политичките очекувања и овој пат останаа во расчекор со ветувањата и со довербата кон ЕУ. Сепак според нив за издвојување е што Македонија за разлика во минатото сега треба да го искористи моментот и ги спроведе уставните измени, шанса која според експертите ако ја испуштиме тешко ќе може повторно да ја добиеме а при тоа истата да не биде уште поболна од сегашната.

Поранешниот амбасадор во Виена, Огнен Малески, коментирајќи пораките на Мишел но и Макрон кои се однесуваат на Западен Балкан, за „Слободен печат“ објаснува дека моменталната состојба во Унијата претставува една маглива сива зона, која, за жал, сè уште не ни ги исцртува јасно контурите на политиките за проширување во ЕУ. Сепак, Малески истакнува дека арсеналот што стои пред нас е многу ограничен во таа насока. Според него, мораме да бидеме активни и упорни додека постои шанса да работиме на неа и покрај неисполнетите политички ветувања на Брисел кон регионот.

Огнен Малески, амбасадор / Утрински брифинг

– Самите изјави се важни сигнали во дипломатијата и политиката и треба да се следат. Но, отсекогаш беше за прашање што ЕУ прави и како функционира. Ако се вратиме наназад не е првпат меѓу Комисјата и Советот да има разногласие. Комисијата секогаш била по амбициозна а Советот, односно земји членки одделно биле со друго мислење. И како што е скроена сега ЕУ, јас повеќе би ставил тежина на Франција односно изјавата на Макрон, бидејќи таа навестува дека може да се блокира во секое време кој сака и кого сака – вели Малески.

Долгогодишниот дипломат констатира дека додека Макрон говори дека треба да се реформира Унијата времето ги гази земјите аспиранти но и Брисел а резултат на тоа е растот на евроскептицизмот и разочарувањето на граѓаните од регионот кон Унијата.

– Дали треба да ги изгласаме уставните измени за наше продолжување на патот кон ЕУ, велам апсолутно да. Ниту ми е драго, ниту лесно го прифаќам тоа. Но кога си свесен за моментот и тоа дека треба да се исползува некоја пружена шанса за иднината на земјава, треба да се прифати без разлика колку таа е тешка во дадениот момент. Истото ни се случуваше и со НАТО а ги гледаме бенефитите од нашето членство денес. Со други зборови клучна работа во носењето на стратешките одлуки е тајмингот и при тоа мора да се внимава на тоа. Ние во минатото пропуштивме многу прилики и тоа е можеби една од причините поради кои се наоѓаме во оваа состојба настрана од конфузните политики на ЕУ кон регионот. Најголема победа за македонизмот ќе биде наш влез во ЕУ и ништо повеќе – подвлекува Малески.

Поранешниот амбасадор Благој Зашов смета дека изјавата на францускиот претседател Емануе Макрон дека прво се потребни реформи во ЕУ, па проширување со нови земји членки ѝ оди во прилог на опозицијата.

Поранешен амбасадор Благој Зашов

„Изјавата на францускиот претседател Макрон му падна на Мицкоски како кец на десетка. Дури сега уште посилно ќе се противи на уставните измени. Притоа најавата за преуредување на ЕУ и членство во две брзини е уште еден аргумент кон зацврстување на изгубената доверба за прием на Македонија (и целиот Западен Балкан) во ЕУ. Изјавите дадени во Блед се слаб аргумент во однос на најавата на Макрон“, напиша Зашов на Фејсбук.

Политичкиот аналитичар Милан Стефановски смета дека малите за жал се предмет на одлуките на големите земји, а ние треба да продолжиме да покажуваме спремност за дијалог со Брисел но и Бугарија и понатаму и покрај што емоциите и фрустрациите дома се големи поради уставните измени.

Милан Стефановски – политиколог / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

– Реалноста секогаш ги погодува идеалистите. По веќе виденото, со Брисел и Макрон, можеме да заклучиме дека во политиката, а особено во надворешната политика, не постојат гаранции. Па, дури и да се писмени гаранции, клучно е прашањето колку вредат тие. Тоа е така бидејќи се комплексни релациите и, глобално, не постои одлука што зависи веќе од еден субјект, така што до последниот момент никако не можеме да бидеме сигурни што можевме да побараме и, обратно, што можевме да добиеме од Бледскиот стратешки форум. Сепак, без оглед што и да се случува во соседна Бугарија во следниот период, треба да е јасно дека Македонија мора да остане на своите заложби за интеграција во ЕУ и покрај домашното разочарување но и порастот на антизападното расположение – посочува Стефановски.

Политикологот додава дека проблемите во досегашната постапка за приклучување на Западен Балкан во еден дел се лоцирани кај ЕУ, но вистинските големи пречки земјите кандидати мора сами да ги тргнат од патот во периодот што следи.

Инаку реакциите во домашната јавност се зголемија по двете изјави дадени од страна на високите европски челници Шарл Мишел и Емануел Макрон и се однесуваа на ЕУ перспективата на регионот.

По охрабрувачката прва изјава на Мишел во која тој посочи дека ЕУ треба да биде подготвена за ново проширување со земјите од Западен Балкан до 2030 година францускиот претседател истакна дека ЕУ можеби треба да еволуира кон унија со „повеќе брзини“ додека размислува за интегрирање на Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан“. Тој при тоа прецизно не објасни како ќе функционира Европа со повеќе брзини, но рече дека е неопходна ревизија на процедурите на ЕУ за блокот да ја продлабочи и задржи „својата привлечност“.

„Ризично е да мислиме, дека можеме да се прошириме без реформи. Можам да посведочам дека на Европа ѝ е доволно тешко, да напредува на чувствителни теми со 27 членки. Со 32 или 35 членки нема да биде полесно. Ќе ни треба смелост да прифатиме поголема интеграција во некои области, а можеби дури и Европа со повеќе брзини“, рече Макрон на годишниот состанок со француските амбасадори.

Овој став на францускиот претседател демотивирички веднаш одекна во регионот на Западен Балкан, каде неговата изјава беше доживеана како нов сигнал дека проширувањето прво ќе чека на внатрешното реформирање на Унијата, и тоа на неодредено време, и покрај охрабрувачките изјави на Бледскиот стратешки форум како онаа на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот