Икони и фрески со ликот на Богородица се изложени во Музејот на РСМ
Во Музејот на РС Македонија, на 5 декември, со почеток во 18:30 часот, ќе биде отворена изложбата „Богородица мост помеѓу небото и земјата“. Иконите и фреските што се претставени на изложбата се само мал дел од многуте предмети од богатите колекции на Музејот.
– Во дел од збирките на Музејот се наоѓаат икони и фрескокопии од целата територија на Македонија, коишто претставуваат важен дел од уметничкото богатство. Тие не се само уметнички дела, туку и духовни симболи коишто верниците ги користат за да се поврзат со божественото.
Ликот на Богородица, како заштитничка и мајка, нуди утеха и надеж, а тоа ја прави една од најчестите фигури во христијанската уметност, бидејќи нејзиниот живот на земјата бил исполнет со морална чистота, светост и со добри дела. Преку нејзиното девствено зачнување на Спасителот, таа е мостот помеѓу небото и земјата. Низ вековите се развиле многубројни теми и циклуси поврзани за нејзниот лик и дело, произлезени од старозаветните книги – истакнуваат од Музејот.
Автори на концепцијата за изложбата се Марија Петковска и м-р Татјана Трајковиќ, кустоси во Музејот.