Игор Спасов бил пуштен на лекување: Судот издал наредба за негов спровод во затвор

Никој не знае дали е дома или во болница осудениот поранешен полициски специјалец Игор Спасов, кој во затвор „Идризово“ одлежува казна затвор од 14 години за убиството на младиот скопјанец Мартин Нешкоски.

Спасов минатиот петок требало да се врати во затворската институција откако му изминал периодот за условен отпуст кој му бил одобрен за лекување.

Засега се знае дека на 18 август годинава му изминал првиот прекин на затворската казна поради здравствени проблеми. Набрзо после неговото враќање во „Идризово“, Спасов побарал од судот и добил нов отпуст исто така поради здравствени проблеми, а барањето било поткрепено со соодветна медицинска документација.

Рокот за прекинот истекувал на 18 овој месец, односно минатиот петок. Барањата од прекин на казната поради здравствени проблеми Спасов ги поднесува и ги добива од минатото лето. Минатиот петок до полноќ тој не се вратил во затворската установа, ниту пак до нејзините надлежни испратил било какво известување за евентуално нов прекин на казната.

Се додека до судот Спасов доставува соодветна документација неговото барање и евентуално одобрување за прекин е законски дозволено. Изминатите прекини не му ја намалуваат изречената казна затвор.

Управата на затворот пред пет дена се обратила до судот во Штип и до Управата за извршување на санкции и ги известиле дека Спасов не се појавил на рокот кога му завршувал оправданиот прекин.

Судот во Штип веќе издал наредба за спровод на Спасов во затвор, бидејќи не се вратил на време и не поднел никакво образложение.

За делото за кое е осуден Спасов има одлежено шест години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот