Идни жртви во борбата за подобро минато

Има ли надеж дека еден ден двете земји навистина ќе пишуваат заедничка иднина, а не заеднички лажно или лажно заеднички да го откриваат, да го произведуваат и да го читаат минатото? Ако некогаш тргнат од тезата дека обичните, живите луѓе се поважни од мртвите херои, тогаш – има.

Писанието на бугарската влада наречено „Објаснувачки меморандум за односите на Република Бугарија со Република Северна Македонија во контекст на проширувањето на ЕУ и процесот на асоцијација и стабилизација“, испратено до земјите членки на Унијата, тешко ја повреди и ја изреволтира целата македонска јавност – стручна, политичка, обична, секаква.    

Ваквата реакција не може до крај да се објасни само со содржината на „документот“, со тезите во поддршка на радикалниот став дека пред 1944 година немало НИШТО пред што би можела да се стави придавката македонско – јазик, историја, култура, писменост, традиција, посебност… Не може да се објасни од проста причина што слични, поточно речено исти докази и „документи“ со иста содржина бугарската политика во име на науката пишува, печати, објавува и (ни) доставува повеќе од половина век. Последниов меморандум не потсети дека други, всушност, и немало.

Но, неговата понижувачко-поразувачка сила сега лежи во фактот што тој е вулгарно употребен како ултиматум, како средство за срамна уцена – или овие политикантски и квазинаучни тези ќе станат научни, неспорни и општоприфатени историски факти или Бугарија ќе спречи Македонија да ги почне пристапните преговори со Европската Унија!?

Меморандумот е доказ и закана дека она што не чека и што веројатно најмногу ќе ни се случува во светлата иднина и натаму се митовите, сеништата, приказните за мрачното и мачно минато. Озаглавени како историја: заедничка, споделена, паралелна, но пред се и над се фалсификувана, индоктринирана, политикантска, пропагандистичка…Творба ставена во служба на разни Служби, само не во служба на науката и на иднината на нејзините читатели. Историја која не е учителка, туку мачителка.

Има ли надеж дека ова творешто на кое му робува и народот (во двете земји) со генерации наназад конечно ќе заврши таму каде што одамна заслужува да се најде – на буништето на историјата? Судејќи според перспективата што ја нуди меморандумот, нема. Има ли надеж дека за Европската Унија, во контекст на проширувањето, пресудно ќе биде која земја колку ги исполнува нормите на современото живеење, а не критериумите и меморандумите за тоа како и кога настанала? Ако условот во новата методологија остане и гласи прием само со РЕШЕНИ меѓусоседски односи, односно проблеми, и таа надеж умира. Токму поради тоа што тој услов очигледно, со непобитни докази, се користи како уцена и како извор на проблеми, а не на решенија. Има ли надеж дека еден ден двете земји навистина ќе пишуваат заедничка иднина, а не заеднички лажно или лажно заеднички да го откриваат, да го произведуваат и да го читаат минатото? Ако некогаш тргнат од тезата дека живите луѓе се поважни од мртвите херои, тогаш – има.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот