И за 2021 набавката на униформи останува најголемо ветување за полициските службеници

Презентирајќи го предлог буџетот за наредната година министерот Спасовски најави и дека конечно ќе се исплатат бонусите за 2017 и 2018, но само на оние кои не тужеле

Неполни 170 милиони евра тежи предлог буџетот на Министерството за внатрешни работи за 2021 година. Износот на средствата кои ќе и бидат ставени на располагање на полицијата е повисок за три проценти за разлика од минатата година, а надлежните тврдат дека со оваа сума ќе се поблиску до исполнување на целите за системско реформирање и зајакната борба со криминалот и корупцијата. Министерот Оливер Спасовски се пофали дека буџетот има развојна компонента преку модернизирање и опремување на полициските службеници, како и дека било заштедено на непродуктивни трошоци – нема да се купуваат мебел и возила, бидејќи биле добиени од донации.

Сепак, полициските службеници остануваат скептични во однос на реализацијата на долгогодишното ветување за набавка на основните средства за работа, односно униформи и оружје, бидејќи, како што велат, континуиран е негостигот на кошули, панталони, панцири, лисици, а се користат и дотраени пиштоли стари повеќе и од триесет години. Од друга страна, министерот Спасовски уверува дека ќе се обезбедат услови за непречена работа, потсетувајќи дека веќе било инвестирано во 24 илјади пара зимски и летни обувки, чизми и теренски униформи.

Идната година ќе продолжиме со набавка на нови униформи за полицијата и специјалните единици на МВР, како и набавка на оружје, муниција, заштитна опрема, со што практично целосно го заокружуваме тој наш проект, давајќи јасно до знаење дека на секој полициски службеник треба и мора да му се обезбедат елементарни предуслови за нормално работење, рече Спасовски.

Од друга страна, од Независниот полициски синдикат обвинуваат дека раководствотo нема слух за нивните барања и повторно не се предвидени средства за изедначување на платите на полициските службеници со оние во администрацијата, па така полицаецот останува со примања под минималната плата доколку се одземат додатоците предвидени со Колективниот договор. Оттаму додаваат дека македонските полицајци, за разлика од колегите во регионот, се изоставени од надомест за работа во коронакризата, а имаат забелешки и дотраениот возен парк, кој според подзаконските акти не треба да е постар од пет години.

Инаку, министерот Спасовски најави и исплата на бонус плати на полицајците за 2017 и 2018 година со средства обезбедени од заштедите, а од Македонскиот полициски синдикат информираат дека тоа ќе се случи во најкус можен рок.

-На средбата министерот не информираше дека во наредниот период ќе биде исплатена бонус плата за вработените во МВР за три години, при што не увери дека со буџетот на МВР се обезбедени средства за исплата на бонус плата за 2020 година која ќе се исплати во текот на 2021 година. Исто така не информираше дека во месец декември 2020 година ќе се исплати бонус плата за 2017, а најдоцна до март 2021 за 2018 година, вели претседателот на МПС, Марјан Кицев, напоменувајќи дека пари нема да легнат на сметките на вработените кои покренале судска постапка против МВР за неисплатените бонус плати.

Покрај модернизирањето на опремата, во предлог буџетот за 2021 средства се предвидени и за техничко одржување, реконструкција и изградба на полициски станици, нови современи форензички лабораториии, како и надградба на софтверот за идентификација, што, според најавите, ќе помогне за намалување на криминалот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот