И учениците од Гази Баба секој понеделник ќе ја слушаат химната, одлуката е задолжителна за сите општински училишта

Фото: Општина Гази Баба

По примерот на Општина Аеродром, во иднина и во основните училишта во Гази Баба секој понеделник наставата ќе започнува со интонирање на државната химна. Целта е иста, на децата од најрана возраст да им се развива љубовта кон Македонија.

Нашата цел е да создадеме навика кај децата од најмали нозе да имаат почит и љубов кон својата татковина. Химната и знамето на нашата Македонија се нераскинлив дел од нашиот повеќевековен идентитет и тие ја заслужуваат нашата должна почит – напиша на Фејсбук градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

Одлуката е донесена на вчерашната седница на општинскиот Совет и како што објаснува Стефковски, таа е задолжителна за сите општински основни училишта на територијата на Гази Баба.

Од почетокот на октомври, химната секој понеделник започна да се интонира во училиштата на Аеродром, а секој прв понеделник во месецот основците ја слушаат построени во училишниот двор. Ваквата одлука во Аердором е донесена уште во 2015 година, но нејзината примена беше прекината во изминатите неколку години. Повеќето родители ја поздравија одлуката на градоначалникот Тимчо Муцунски за повторно воведување на оваа практика, додека дел сметаа дека со интонирањето на химната не се подига националното чувство и љубовта на децата кон татковината.

Наскоро ќе се знае дали химната секој понеделник ќе ја слушаат и учениците во Карпош. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Карпош ваква точка предложија на дневен ред на седницата која започна пред десетина дена, а на продолжението советниците треба да ја гласаат.

Очекувано е дека во наредниот период со интонирањето на химната ќе се занимаваат и советите во други скопски општини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот