И Стразбур сит и предметите на СЈО на број

Колаж: Слободен печат

Оценки Власта прогласи „победа“ и оцени дека одлуката на Судот во Стразбур е во корист на правдата, дека пропаднал „обидот на ВМРО-ДПМНЕ за ништење на правната држава“, а од опозициската партија предупредија дека Владата наместо да слави треба да се загрижи поради оваа одлука, бидејќи „суштината и правдата еден ден ќе излезат на виделина“.

Жалбите на осудените и на обвинетите од предметите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство, кои се повикуваа на аболицијата на поранешниот шеф на државата Ѓорге Иванов се недопуштени, соопшти вчера Европскиот суд за човекови права во Стразбур со образложение дека апликантите не успеале да ги исцрпат домашните правни лекови. Одлуката е финална, соопшти судот.

Под наслов „Талески и останатите против Северна Македонија“ во судот во Стразбур, почнувајќи од ноември 2017 година, преку адвокатот Влатко Илиевски, сопруг на ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, стигнаа жалбите на високи функционери во владата на ВМРО-ДПМНЕ – поранешниот премиер Никола Груевски, ексминистрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и на поранешните градоначалници на Гази Баба и на Пустец (Албанија), Тони Трајковски и Едмонд Темелко.

Тие се повикаа на аболицијата што поранешниот претседател Ѓорге Иванов им ја даде во 2016 година, која по бурните реакции и протести ја повлече. Обвинетите се жалеа дека нивното кривично гонење по даденото помилување претставува кршење на владеењето на правото и дека повлекувањето на аболицијата било против правната сигурност. Нивните адвокати и пред судовите често ги оспоруваа предметите на СЈО повикувајќи се на тезата дека еднаш дадена аболиција не може да се повлече.

Шефот на државата Стево Пендаровски ја поздрави одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур донесена утрово според која предметите кои ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство не пропаѓаат. „Сите засегнати со постапките поведени од страна на обвинителството и судовите во државата треба своите права да си ги остваруваат пред домашните институции, како што е наведено и во одлуката на Судот во Стразбур. Во оваа смисла, сите постапки пред домашните судови продолжуваат до нивно конечно завршување, односно исцрпување на сите правни средства согласно правните прописи на нашата држава“, соопшти Кабинетот на претседателот.

Владата оцени дека одлуката на Судот во Стразбур е во корист на државата. „Жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени, вклучително и во делот за наводните помилувања. Аргументите на Владата во однос на недозволеноста на апликациите се целосно уважени од страна на Судот. Спротивно на тврдењата на апликантите, ЕСЧП не утврдува прекршување на Европската конвенција за заштита на човековите права. Како држава членка на Советот на Европа, Владата ја користи оваа пригода да ја повтори својата посветеност и кон владеењето на правото и на Европската конвенција за човекови права и вредностите кои ја поткрепуваат“, се вели во нејзиното соопштение.

Адвокатот Влатко Илиевски, застапник на обвинетите, изјави дека му е несфатливо зошто на судиите во Стразбур им биле потребни пет и пол години за да одлучат дека апликацијата е преуранета, односно дека не се исцрпени домашните правни лекови. Можеше многу побрзо да каже дека жалбите се недопуштени, односно дека се преуранети. Но она што е важно дека по оваа одлука нема простор за триумфализам кај Владата, бидејќи ова не значи дека аболицијата е прогласена за неважечка. Затоа кога за овие случаи ќе треба да се одлучува во втор и трет степен, домашните судови треба да ги земат во предвид агрументите кои ги наведовме во апликациите“, изјави Илиевски.

Поранешната судијка во Судот во Стразбур и актуелна судијка во Врховниот суд, Мирјана Лазарова-Трајковска, објасни дека иако судот можел да ги отфрли жалбите и во рана фаза на поднесување во фoрмација од Комитет од тројца судии, тој сепак предметот го одлучил во совет од седум судии поради неговата комплексност и важност за подносителите на жалбите, но и за националните власти. „Денеска ЕСЧП одлучи да ги отфрли жалбите во врска со можни повреди на правото на правично судење на жалителите кои се повикаа на дадените, па повлечени помилувања. Ова е од причина што Судот може да прифати случај само откако ќе бидат исцрпени сите домашни правни средства, и во рок кој во време на поднесувањето бил шест месеци сметано од датумот на кој е донесена конечната одлука од страна на националните власти“, изјави Лазарова-Трајковска.

Владејчката СДСМ одлуката на Судот ја нарекува голема победа на правдата, на правната држава и аргументите на Владата. „Европскиот суд за човекови права во Стразбур денеска потврди дека апликациите на седум поранешни функционери на ВМРО-ДМПНЕ се недозволени. Ја поздравуваме оваа одлука важна за правдата и независниот правосуден систем. Незаконската аболиција на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов пропадна. ВМРО-ДПМНЕ изгуби во Стразбур. Нивниот обид за ништење на правната држава, уште еднаш, се покажа неуспешен. Аргументите на државата во однос на недозволеноста на апликациите победија и се уважени. Сега, независниот судски систем има одговорност и обврска пред граѓаните и законите да ги доведе до крај кривичните постапки кои се во тек“, објави партијата.

Од опозициската ВМРО- ДПМНЕ велат дека суштината и правдата за овој случај еден ден ќе излезат на виделина. „Владата наместо да слави за дефокус треба оваа одлука да ја загрижи, бидејќи суштината и правдата еден ден ќе излезат на виделина. Европскиот суд за човекови права донесе одлука во која вели дека поднесените апликации од апликантите се преуранети и не навлегува во суштината на апликациите. Во одлуката се вели дека не се исцрпени сите правни механизми во Македонија“, се вели во партиското соопштение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот