И граѓаните и геодетите револтирани од поскапените катастарски услуги: Креваме кредит, се задолжуваме, кусур ни беа и новите имотни листови!

Агенција за катастар на недвишности / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Според Рибароски, цените во новиот Тарифник за геодетски работи што стапи во сила на 15 февруари, се апсолутно реални, но сето тоа можело да се направи етапно за да не предизвика огромни трошоци за градежните компании и за граѓаните

Комората на трговски друштва за геодетски работи реагира против Агенцијата за Катастар, која по цели 10 години конечно извади нов Тарифник за нивните услуги, зад кој сега ги маскира енормни поскапувања на катастарските услуги, кои немаат врска со геодетите. Катастарот, според Никола Рибароски, претседател на КГР, ваквите поскапувања ги оправда со зголемените трошоци на струјата, на лиценците за софтвери, на покачените плати за вработените, но зачудува фактот што овие трошоци не ѝ пречат на ниту една друга институција.

Според Рибароски, цените во новиот Тарифник за геодетски работи што стапи во сила на 15 февруари се апсолутно реални и се пресметани врз основа на трошоците што секоја геодетска компанија ги има во рамките на еден месец, но сето тоа можело да се направи етапно за да не предизвика огромни трошоци за градежните компании и за граѓаните. Ова не е поскапување од 300 проценти како што беше објавено во некои написи, објасни Рибароски, туку како што пресметал, станува збор за поскапување од максимум 90 проценти.

– Во зависност за која услуга станува збор, тоа е поскапување од 50, 70, до максимум 90 отсто, значи тука нема никаде поскапување од 300 проценти. Цените што се сега предвидени се многу пореални од претходно. Претходно имавме цени што беа апсолутно нелогични врз основа на сите трошоци, компаниите немаа никаква исплатливост. Но ние ги бараме од 2014 година и тоа да беше во фази, немаше да предизвика вакви негодувања. Згора на тоа, Катастарот ја искористи ситуацијата и вметна свои драстични поскапувања, кои немаат врска со нашите услуги – потенцира Рибароски.

Иако вадењето имотен лист не е во надлежност на геодетите, Рибароски е исто така зачуден од најновите поскапувања на тарифниците на Агенцијата за катастар на недвижности, за кои рече дека се „без образложение и најдиректно ќе ги погодат оние граѓани што купуваат нов стан“.

– Имотниот лист пред две години чинеше 153 денари, го покачија на 250 денари, сега најновото поскапување не се однесува на имотниот лист, туку важи за прв упис во имотен лист (нов стан), за што сега граѓаните ќе плаќаат 1.250 денари посебно – појасни Рибароски.

Поедноставено, за упис на новокупен стан во Катастар за имотен лист наместо 1.250 денари, граѓаните ќе треба да платат најмалку 3.750 денари, затоа што при промена на сопственост ќе треба да платат за секој имотен лист посебно, а тоа граѓаните ќе ги чини 3.750 денари, плус 600 денари за нотарски услуги. Ако купуваат и гаража, ќе треба да платат за уште еден имотен лист, односно дополнителни 1.250 денари.

– Чудно е што ние како комора даваме образложенија за тарифниците што ги носи Агенцијата, а тие со штури соопштенија ја збунија и стручната јавност и граѓаните.

Двојните лиценци за геодетите – проблем во најава на тендерите?

Според новиот правилник, Катастарот ќе издава и ќе одзема лиценци за приватните геодетски друштва, што според Рибароски е директен противуставен и противзаконски упад во ингеренциите на Комората на геодети, бидејќи сега за иста работа ќе имате иста лиценца издадена од две различни институции!

– Ова претставува проблем во најава за идните учества на тендерите што ги распишуваат општините. Тоа ќе внесе забуна при изборот на фирмата, бидејќи некои фирми ќе имаат една, други фирми друга лиценца, а некои ќе имаат лиценци и од Катастарот и од нашата Комора. Имаме информации дека некои наши колеги веќе вадат лиценци и од Катастарот, но тоа значи формирање нова фирма, нови документи и дополнителни трошоци за колегите, но не ги обвинувам, мора да работат – укажа на уште еден проблем Рибароски.

Инаку, директорот на Агенцијата за катастар ѝ ги одзел овластувањата на КГР, неполни шест месеци откако веќе платиле судски трошоци за истиот потег што го направиле во 2021 година!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот