Празна гаража на маркет „Лидл“ во хрватското место Цриквеница / фото: Halo, inspektore / Фејсбук

Хрватите „растураат“ со бојкотот на маркетите, прометот денес намален речиси за третина

Голем број граѓани во Хрватска и денеска учествувале во општиот бојкот на продавниците и услугите поради високите цени, покажуваат најновите податоци на Даночната управа, објави „ХРТ“.

Бројот на издадени фискални сметки во малопродажбата од полноќ до 15 часот е намален за 31 отсто, додека вкупната вредност на издадените сметки е за 42 отсто помала во споредба со петокот, 17 јануари, кога немаше бојкот. Во однос на претходниот петок, кога се одржа првиот еднодневен бојкот, бројот на издадени сметки во малопродажбата е за 18 отсто поголем, а вкупната вредност на издадените сметки за 15 отсто повисока.

Платформата за заштита на потрошувачите „Ало, инспекторе“ денеска повторно повика на бојкот на сите продавници, производи и услуги поради високите цени. Одзивот на граѓаните е евидентен во празните продавници и трговски центри во Загреб, каде што ретко кој влегува, а фотографии од празни маркети низ целата земја се објавуваат на хрватските портали и на социјалните мрежи на „Ало, инспекторе“.

Дополнително, во тек е седумдневен бојкот на трговските синџири Лидл, Еуроспин и ДМ, бидејќи нивните цени во Хрватска се повисоки отколку во другите земји на ЕУ. Исто така, потрошувачите одлучија да бојкотираат три производи чии цени значително се зголемиле – газирани пијалаци, флаширана вода и сите видови детергенти.

Бојкотот доби поддршка од здруженија на потрошувачи, политички партии, синдикати и Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот