Хакими искрено за Меси: Тешко ми беше да играм со него, не уживав
Десниот бек на ПСЖ, Ашраф Хакими, искрено се осврна на периодот кога во парискиот клуб настапуваше Лионел Меси, признавајќи дека тогаш не се чувствувал најдобро на теренот.
Препорачано
Иако доаѓањето на аргентинската ѕвезда требаше да донесе нов квалитет, Хакими открива дека во пракса тоа значело поинаква улога за него. Со формирањето на офанзивното трио со Нејмар и Килијан Мбапе, играта на тимот била целосно насочена кон нападот, што, според него, ја нарушило рамнотежата.
„Со доаѓањето на Меси се промени целиот проект на ПСЖ, а со тоа и стилот на игра. Игравме на поинаков начин и јас не уживав во тоа“, изјави Хакими.
Мароканскиот репрезентативец потенцира дека токму тактичките промени го ставиле во втор план, за разлика од неговата улога во националниот тим, каде што има многу поголема слобода и значење.
„Не можев да го правам тоа што го сакам, да напаѓам и да се чувствувам важен. Се чувствував како спореден играч. Се сеќавам дека размислував за ситуацијата во репрезентацијата, каде што сум еден од главните“, истакна тој.
Хакими не крие дека овој период бил тежок и на психолошки план, особено поради јавните критики за разликата во неговите настапи во клубот и за репрезентацијата.
„Ми беше психички тешко да играм во Париз онака како што сакам. Почнаа и критики, луѓето се прашуваа зошто за Мароко играм на еден начин, а во ПСЖ изгледам поинаку. Дали сум лош или има друга причина? Луѓето не ја разбираат таа разлика“, додаде Хакими.


