Гумените подлоги на детските игралишта се безбедни, тврдат надлежните, откако „Зелен хуман град“ објави загрижувачки информации

Фото: Општина Аеродром

Во однос на квалитетот на производот добиен од отпадна гума, постои ознака СЕ, и десетици нотрификациони тела во земјата кои го потврдуваат квалитетот на производот и соодветно ја доделуваат оваа ознака. Истото важи и при увоз на овие производи – велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Гумените подлоги кои се поставуваат на детските игралишта и спортските терени ги имаат сите потребни сертификати кои го потврдуваат нивниот квалитет и безбедност за здравјето. Ова го тврдат од Министерството за животна средина, откако од иницијативата „Зелен хуман град“ објавија дека во последно време може да се забележи, како што велат, агресивно ставање гумени подлоги на детски игралишта кои во себе може да содржат канцерогени елементи.

 Во светот постојано се објавуваат податоци за штетните последици на микропластиката врз човековото здравје, но се чини дека Скопје и Македонија се застанати во времето. Гумените подлоги за детски игралишта се прават од рециклирани автомобилски гуми, синтетички влакна од рециклирани материјали од текстилна индустрија и слично. Така, децата на различни начини се изложени на хемикалии и микропластика кои потенцијално го пореметуваат ендокриниот систем и гореспоменатите остатоци или отпадни производи се третирани со хемикалии кои претставуваат опасност за луѓето, животните и животната средина – тврдат од „Зелен хуман град“ повикувајќи се на неколку светски студии.

Оттаму наведуваат дека според една студија на Универзитетот во Калифорнија, направени се мерења на присуство на микропластика на 19 детски игралишта во САД, кои покажале дури пет пати поголемо загадување од останати површини. Тие стравуваат дека во Македонија загадувањето на детските игралишта е уште поголемо, бидејќи кај нас, како што наведуваат, не важат никакви регулативи и нема никакви контроли .

 Од една страна, гумените подлоги кои се изложени на сонце испуштаат повеќе токсични хемикалии кога сонцето е јако, а од друга страна, хемиските испарувањата од гумените подлоги во затворени простори како што се играчниците се поконцентрирани бидејќи е ограничен просторот и нема проток на воздух. Според Агенцијата за заштита на животната средина на САД (Environmental Protection Agency – EPA), вдишењето на загаден воздух кај детските игралишта со Polycyclic aromatic hydrocarbons (PAHs) може да ја зголеми шансата на лицето да развие рак, а Агенцијата за токсични супстанции и регистар на болести (ATSDR) наведува дека PAHs може да го зголемат ризикот за рак и исто така да ги зголемат шансите за вродени дефекти – велат од граѓанската иницијатива.

Дали се прават контроли на гумените подлоги кои се поставуваат на детските игралишта и кој е надлежен тоа да го контролира, тешко се добива одговор.

Од Државниот инспекторат за животна средина велат дека Инспекторатот не дава стручни мислења ниту пак врши анализи, испитувања и слично и дека досега немале основа за вршење инспекциски надзори. Оттаму не препратија за одговор во Државниот здравствен и санитарен инспекторат, но тие ја контролирале безбедноста само на детските играчки, но не и на гумените подлоги на игралиштата.

 Ве информираме дека овој вид на производ не е во категорија на детска играчка. Согласно надлежностите, Државниот санитарен и здравствен инспекторат врши надзор над безбедност на детските играчки – кусо одговорија од Инспекторатот.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање пак објаснуваат дека согласно Законот за управување со отпад и хиреархијата за управување со отпад, преработката на отпадот, генерално, има предност над користењето на отпадот за енергија.

 Отпадните гуми насекаде де во Европа и во светот се користат или за добивање нов производ како подлоги на игралишта, спортски терени и слично или за добивање на енергија. Има и примери каде самите гуми се користат како градежен материјал. Во однос на квалитетот на производот добиен од отпадна гума, постои ознака СЕ, и десетици нотрификациони тела во земјата кои го потврдуваат квалитетот на производот и соодветно ја доделуваат оваа ознака. Истото важи и при увоз на овие производи – велат од Министерството и додаваат дека генерално овие производи се широко распространети и се користат во многу земји на ЕУ.

И од Општина Центар, каде како и во другите општини низ Скопје најголем дел од детските игралишта се покриени со ваква подлога, тврдат дека се безбедни.

Општина Центар има набавено гумени подлоги за детски игралишта последно во 2020-та година и добавувачите на истите ги поседувале потребните сертификати за заштита на животната средина и здравјето на децата – информираа од Центар.

Од сето ова произлегува дека кај нас досега не е направено истражување за тоа што се става на детските игралишта. Гумените подлоги се набавуваат со сертификати кои треба да ја гарантираат нивната безбедност, но тие подлежат на оштетувања – се газат, кинат, изложени се на секакви временски температури. Дали во таков случај стануваат опасни за здравјето, „никој“ очигледно не е надлежен да провери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот