Грешки во кујната што секој ги прави

Mајонезот иако е многу штетен за организмот доколку многу често го јадете, сепак тој претставува вистински благодат за вашиот нов прибор за јадење, но и за сето она што го имате дома, а на кое има залепено етикета.

Речиси и да нема домаќинка што не греши во кујната. Готвењето е комплициран процес, за кој е потребно искуство и знаење, но доколку е придружено со голем број грешки, тогаш оној што подготвува храна може дополнително да остане во кујната средувајќи го „хаосот“ што го оставил позади себе.

Токму затоа, постојат неколку совети кон кои треба да се придржувате доколку не сакате целото слободно време и тоа секој ден да го поминувате во кујна. Покрај тоа, постојат и неколку трикови како храната што секојдневно ја подготвувате да биде похигиенски направена, но и побрзо подготвена и се разбира повкусна и со подобар квалитет.

Секогаш внимавајте каде и како ги кршите јајцата

При приготвување оброци што содржат јајца, речиси и да не постои човек што јајцето не го крши од работ на чинијата или од тавчето во кое ја приготвува храната. Ова е огромна грешка, затоа што во таквиот случај, лушпата на јајцето се рони на ситни парчиња и често некое парче завршува во јајцето што треба да го готвиме. Доколку парчето од лушпата е поголемо (иако тоа воопшто не е лесно) по неколку обиди ќе успееме некако да го извадиме, но доколку пак од кршењето, делчињата од лушпата се многу мали, без да знаеме ќе ги проголтаме. Токму поради тоа, јајцето треба секогаш да се крши од рамна површина.

Сте го загореле ручекот?

Дури и на најискусните домаќинки им се случило додека готват ручек за целото семејство ручекот да го загорат. Сепак, доколку ручекот не е претерано изгорен, постојат неколку трикови како да го „спасите“ и на тој начин да си заштедите време за подготовка на дополнителен оброк.

Имено, загорената храна немојте да ја мешате. Едноставно, префрлете ја во друг чист сад и продолжете да ја готвите.

Доколку мирисот на изгорено јадење и понатаму е интензивен, кога храната ќе ја префрлите во друг сад, покријте ја неколку минути со водена кујнска крпа. Таа ќе ги впие мирисите, а јадењето ќе биде вкусно.

Доколку и тоа не помогнало, додајте некој јак зачин, со кој ќе бидете сигурни дека ќе се прикрие аромата на загорена храна.

Како правилно да го чувате излупениот компир

Излупениот, а потоа потемнет компир, воопшто не е вкусен за јадење. Токму поради тоа, а во обид да не ви пропадне трудот, ве советуваме како да го спречите потемнувањето на излупениот компир.
За да го спречите потемнувањето на компирите, потопете ги во сад со ладна вода и ставете го садот во фрижидер. Доколку компирите се целосно потопени, верувале или не дури и 24 часа да ги оставите во ладна вода, тие нема да ја променат бојата.

Мајонезот освен за јадење, користете го и за чистење

Постојат многу кујнски трикови што им се малку познати на домаќинките. Еден од нив е трикот со премачкување на новите кујнски садови со мајонез.

Иако овој совет можеби ви звучи чудно или смешно, сепак нема ништо да изгубите доколку се обидете да го направите.

Имено, мајонезот иако е многу штетен за организмот доколку многу често го јадете, сепак тој претставува вистински благодат за вашиот нов прибор за јадење, но и за сето она што го имате дома, а на кое има залепено етикета.

Секој од нас досега многупати се има соочено со проблемот како да ги извади етикетите, а на предметите да не остави лепливи траги.

Обидете се овој проблем да го решите со помош на мајонезот. Сè што треба да направите е на чиста крпа да ставите малку мајонез и да се обидете да ја исчистите цената што на производот е залепена со цврст лепак. Мастите што ги содржи мајонезот во својот состав, ќе помогнат цврстината на лепилото да попушти и етикетата целосно да се отстрани од садот, без притоа да му направи какво било оштетување.

Покрај тоа, доколку новите садови целосно ги премачкате со мајонез и ги оставите да отстојат неколку часови, тие постојано ќе имаат сјај и по неколку миења, повторно ќе изгледаат како нови.

Ви загоре тавчето?

Загореното тавче или тенџере, според многумина е еден од најголемите проблеми во кујната. Сепак, и за отстранувањето на загорените масни наслаги или на загореното млеко во вашето омилено тенџере, постои решение што ќе ве спаси од досадното и напорно триење.
Со сода-бикарбона да го посипете целото дно на садот и да налеете малку вода, колку да се покрие дното. Оставете го да стои така неколку часови. Чистењето ќе ви биде многу полесно.

Отстранете го непријатниот мирис од штицата за сечкање

Општопознато е дека дрвените работи се „сунѓери“ за собирање секаков мирис. Токму поради тоа, штицата на којашто сечкате овошје и зеленчук мора редовно да се чисти за да не почне да мириса на нечисто.
За да го отстраните непријатниот мирис од даската, треба да ја посолите со ситна сол. Оставете ја солта да отстои десетина минути, а потоа со една половинка лимон, истријте површината на даската за сечење. На тој начин ќе ги неутрализирате сите претходно насобрани мириси од храната.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот