Граѓаните се жалат на лошите улици, недоволниот број автобуси и на кучињата скитници

Аеродром
Фото: Facebook/Град Скопје

Во обид да се изнајдат решенија на овие проблеми, во изминатиот период градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска оствари средба со некои од скопските градоначалници

Реконструкција и асфалтирање улици, поставување нови автобуски постројки и воведување дополнителни линии за автобуско сообраќање, изградба на мрежа за водовод и на атмосферска канализација во одредени населени места, како и одржување на зеленилото и поставување канти за отпадоци и контејнери во повеќе урбани и рурални места. Ова се најчестите проблеми со кои се соочуваат граѓаните и кои најчесто ги посочуваат, независно во која општина од Скопје живеат, во рамките на координативните состаноци организирани од градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, во соработка со дел од скопските градоначалници и претставници од јавните претпријатија и сектори во Градот.

На средбата одржана во Општина Аеродром, жителите од руралните месни заедници побарале од градските и од општинските власти итно решавање на инфраструктурните проблеми, како и водоснабдување и канализациска инфраструктура.

– Теренските тимови на Град Скопје составени од повеќе секторски претставници, во текот на изминатите недели започнаа со процена на состојбата во осум урбани и две рурални средини во Општина Аеродром. Градот активно се посвети на решавање на децениските проблеми со кои се соочуваат граѓаните и, уште поважно, спроведува ефикасни решенија што нудат поквалитетен живот за сите граѓани, без разлика дали се во урбана или рурална средина – истакна градоначалничката Арсовска.

На координативниот состанок одржан во Општина Кисела Вода, пред претставниците на секторите од градот и јавните претпријатија биле презентирани и се разговарало за предизвиците и проблемите со кои секојдневно се соочуваат жителите од оваа скопска општина и за нивно решавање. Од Град Скопје велат дека веќе се започнати теренските активности за целосна процена на состојбата со заборавените населби во Општина Кисела Вода, која ја сочинуваат 15 месни и урбани заедници, од кои девет урбани и шест рурални населени места.

Континуирано се спроведуваат средби со граѓани, се врши процена на затекнатата состојба и се работи на изготвување на акциски план со проекти кои Градот ќе ги имплементира во овие заборавени населби – информираат од Град Скопје.

Оттаму велат дека Градот Скопје заедно со теренските тимови изготвил извештај на детектирани проблеми, според кој најголем дел од проблемите се однесуваат на решавање инфраструктурни проблеми, реконструкција и асфалтирање улици, поставување нови автобуски постројки и воведување дополнителни автобуски линии, изградба на дополнителна мрежа за водовод и изградба на атмосферска канализација во одредени населени места, како и одржување на зеленилото и поставување на канти за отпад и контејнери во повеќе урбани и рурални места во Општина Кисела Вода.

Ваква средба беше одржана и во Општина Бутел, на која граѓаните побарале од надлежните институции да работат на подобрување на водоводната мрежа, подобрување на сообраќајната инфраструктура, обезбедување соодветна атмосферска канализација, повеќе зелени површини, уредување на кејот на реката Серава.

Кога станува збор за проблемите со кои секојдневно се соочуваат жителите од Општина Ѓорче Петров, тие на средбата со градските и со општинските власти побарале решавање на проблемот со осветлувањето на јавните површини во општината, решавање на проблемот со водоснабдувањето и изнаоѓање соодветно решение за уличните кучиња.

Со градоначалничката се согласивме вакви координативни средби со Градот да станат практика во иднина. Целта е да поставиме соодветни проекции и насоки, да се соочиме со предизвиците и активно да работиме на подобрување на секојдневието на граѓаните. Заеднички ги сослушавме граѓаните и сите нивни предлози ќе бидат ставени на разгледување – вели градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот