Граѓаните се жалат и реагираат, од ЈСП негираат: Автобусите се редовни и ниеден не се чека по еден час

Фото: Слободен печат

Според ЈСП, сѐ функционира во најдобар ред, па излегува дека реакциите на граѓаните се неоправдани, но доколку се прошета низ Скопје во утринските часови и во периодот кога луѓето се враќаат од работа, ќе се види дека не е сѐ така розово како што тоа го прикажува надлежното претпријатие за јавен превоз.

По многубројните реакции од скопјани што секојдневно користат јавен градски превоз, дека измрзнуваат по станиците чекајќи автобус, особено кога е сообраќајниот „шпиц“, но и дека не се почитува возниот ред, од ЈСП „Скопје“ тврдат дека на ниту една линија не се чека автобус по еден час.

Оттаму убедуваат дека има доцнење на автобуси во разумен рок, но вината за тоа, според нив, не е во јавното сообраќајно претпријатие.

 Јавниот превоз се реализира според утврдениот возен ред актуелен за овој период од годината (зимски возен ред). Се регистрираат доцнења во разумен интервал кои се должат на фактори што не се поврзани со работата на ЈСП како што се пренасочен сообраќај со времен режим од страна на СВР поради градежни работи, сообраќајна незгода на редовна траса, застој во светлосна сигнализација, кои влијаат врз забавување не само на одвивањето на јавниот превоз, туку на целокупниот сообраќај – велат од ЈСП.

На прашањето дали имаат доволно возачи и автобуси во сообраќај и зошто барем не го ажурираат возниот ред, за луѓето да знаат кога ќе им пристигне потребното возило за да не доцнат на работа и во училиште, повторно одговорот од претпријатието е спротивен од она на што укажуваат граѓаните.

 Сите линии се опслужуваат според утврдениот возен ред, нема детектиран проблем од каков било тип, располагаме со доволен број возачи и возила за реализација на јавниот превоз – тврдат од јавниот градски превозник.

Скопјани измрзнаа по станиците чекајќи автобуси, од ЈСП си молчат

Со други зборови, според ЈСП, сѐ функционира во најдобар ред, па излегува дека реакциите на граѓаните се неоправдани. Но, доколку се прошета низ Скопје во утринските часови и во периодот кога луѓето се враќаат од работа, ќе се види дека не е сѐ така розово како што тоа го прикажува надлежното претпријатие за јавен превоз. Станиците се преполни, а според граѓаните автобусите на линиите 5, 15, 3,19, 20 се ретки и најдолго се чекаат. Не работат ниту голем број од дисплеите на станиците.

 На ниедна станица од Ново Лисиче до Народна банка не работат дисплеите со информации за колку време и кој автобус пристигнува. Тоа навистина не е во ред. И така стоиме на станица и чекаме со надеж дека нашиот автобус нема да доцни. Ова со автобусите е навистина секојдневно малтретирање – реагира Елена од Ново Лисиче, редовен патник во автобусите на ЈСП.

Друг проблем, како што веќе пишувавме, се гужвите во возилата, а дополнителен проблем е кога при такви турканици во некои од приватните автобуси не работи едно од апаратчињата за валоризација на билетите, па патниците при најголема гужва што влегле на предна врата за да го отчукаат билетот, мора да се туркаат до задна, не по своја вина. Особено што за контролорите доколку тогаш влезат во автобус, нема оправдување за неплатена карта дури и кога тоа е невозможно.

Тенденциозно е прашањето и констатацијата дека е вина на ЈСП „Скопје“ ваков вид застој. ЈСП добива информација за сервисирање опрема поставена во возилата на приватните превозници по пријава од приватниот превозник – кусо коментираат од ЈСП.

Некои од контролорите доколку фатат патник без билет, за казна го праќаат да си купи картичка во автобус, за што неколкупати сме биле сведоци. Но, кај шоферот изборот е да се купи дневна карта од 120 денари или неперсонализирана картичка „скопска“ за 150 денари. Билетот за едно возење од 50 денари и покрај тоа што беше пуштен во употреба пред нецели четири години, одамна го нема. Возачите тврдат дека го немаат веќе две-три години.

Корисниците на јавен превоз ги имаат на располагање опциите за купување/валидирање на билет за едно возење: со електронска картичка „Скопска“ ( од т.н. електронски паричник), со СМС-порака и со мобилна апликација „Скопска“ – објаснуваат од ЈСП игнорирајќи го прашањето зошто нема повеќе билет за едно возење во автобус и дали ваков билет повеќе нема да се набавува.

И за студените автобуси на кои се жалат граѓаните, ставот на ЈСП е спротивен.

 Во сите возила на ЈСП системот за парно греење е функционален и е вклучен – тврдат од претпријатието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот