Фото: Слободен печат

Граѓаните конечно ги „пробаа“ донираните автобуси, сега ги очекуваат стотината што ги вети Владата

Шесте нови автобуси во Скопје нема да завршат многу „работа“, па граѓаните се надеваат дека Владата ќе го исполни ветувањето. Премиерот Христијан Мицкоски пред неколку месеци најави дека тендерот ќе биде распишан до крајот на 2024 година, но тоа не се случи. Сега оттаму велат дека тендерската постапка би требало да започне во втората половина на месецов.

После три месеци откако беа донирани во рамките на проектот „ЕУ за чист воздух“, шесте еколошки автобуси конечно се најдоа на скопските улици. Дел од граѓаните утрово имаа среќа да се возат до своите работни места или на училиште во нови, чисти, речиси бесшумни автобуси, какви што всушност би требало да бидат сите возила од јавниот превоз.

Дали овие автобуси беа само пробно пуштени и дали веќе се определени линиите на кои ќе возат од ЈСП „Скопје“ веќе вообичаено нема одговор. Но, според она што можеа да го забележат патниците, нивното сообраќање е сѐ уште само пробно.

Бев изненаден кога на станицата кај „Мал одмор“ застана ваков автобус, но на него немаше број на која линија вози, па го прашавме возачот кој автобус е и ни рече 24-ка. Ниту на валидаторот внатре не ја пишуваше линијата, што е вообичаено во сите други возила. Конечно се провозев во автобус во кој човек може да се почувствува убаво. Таков јавен превоз ни треба, а не оние валкани растропани „крнтии“ во кои секојдневно мора да се возиме за да стигнеме на работа – ни го раскажа граѓанин своето искуство.

Едноподните автобуси на компримиран природен гас, произведени од турската компанија „БМЦ“ во изминатиот период беа гаражирани сѐ додека не завршат процедурите за нивно пуштање во сообраќај. Процедурите пак се развлекоа, затоа што на нив беа згрешени натписите на македонски и албански јазик, потоа во документацијата беше згрешена бојата на автобусите и наместо црвена беше впишана сина, а на едно возило му беше запишан погрешен број на шасија.

Фото: Слободен печат

Поради тоа, на последната седница на Советот на Град Скопје минатата година, мораше повторно да бидат изгласани две одлуки за надминување на овој проблем – Одлука за изменување на Одлуката за примање донација од УПОС и Одлуката за пренесување на правото на сопственост на шест автобуси со компримиран природен гас на ЈСП „Скопје“. Потоа беше распишан тендер за каско осигурување на автобусите, за конечно, откако и тоа заврши, возилата да се пуштат во сообраќај.

ВИДЕО | ЈСП ги доби шесте екоавтобуси донирани од ЕУ, ќе возат по скопските улици од наредната недела

Во меѓувреме, недостигот од доволен број на автобуси се чувствува секојдневно, а нови набавки нема. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ не гласаа дури ни за измена на возниот ред, со која тој би се прилагодил со постоечкиот возен парк со кој располага ЈСП, за да не чекаат залудно луѓето по автобуските станици да пристигне возилото според постоечкиот возен ред донесен пред десетина години.

Скопјани се надеваат дека Владата ќе го исполни ветувањето и ќе набави нови автобуси. Премиерот Христијан Мицкоски пред неколку месеци најави дека тендерот ќе биде распишан до крајот на 2024 година, но тоа не се случи. Сега оттаму велат дека тендерската постапка би требало да започне во втората половина на месецов.

Во тек е тендерска постапка за избор на консултат, а во втората половина од месец февруари, се очекува да започне и тендерска постапка за набавка на електричните автобуси. Понудите ќе бидат отворени за сите заинтересирани компании кои ќе ги исполнуваат условите. Проектот за набавка на 120 електрични автобуси и 50 места за нивно полнење е важен чекор кон модернизација на јавниот превоз во Македонија, ќе придонесе да се подобри квалитетот на јавниот транспорт, од којшто значаен бенефит ќе имаат нашите граѓани, а со ваквата инвестиција ќе се намалат и штетните емисии на аерозагадувањето, велат од Владата за „Слободен печат“.

Оттаму објаснуваат дека целта е преку најавената инвестиција да се осигура фер распределба на електричните автобуси коишто според планот треба да се распределат во повеќе општини низ државата каде има развиен јавен превоз, вклучувајќи го и градот Скопје.

Мицкоски најави дека Владата ќе купува стотина електрични автобуси

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот