Граѓаните ќе се откажат од сè, ама од цигарите не!

Архива на сп

Денес е Светски ден без тутун, а Македонија е 19-ти светски производител. Според последните истражувања, приближно 40 отсто од населението во Македонија се пушачи

Со 16.600 засеани хектари, Македонија во 2021 година била на 19-то место, меѓу 50-те светски лидери по производство на тутун, рангирани од Светската организација за храна и производство (ФАО). Според податоците, Владата во 2020 година потрошила околу 32 милиони долари за субвенции за тутунот.

Светската здравствена организација заедно со нејзините земји членки го одбележуваат 31 мај како Светски ден без тутун, а темата на овогодишната глобална кампања е „Одгледување храна, а не тутун“ за да се истакне долгорочната важност на одгледување одржливи и хранливи земјоделски култури наместо тутун.

„Економско-енергетската криза предизвикана од војната во Украина глобално ги поскапи горивата, ѓубривата, па дури и храната. Во таква ситуација, одгледувањето и производството на тутун претставува само дополнително оптоварување на никогаш нерешениот проблем со гладот во светот, туку и на сериозно оштетената животна средина и загрижувачкиот тренд на климатските промени“, наведува белградскиот Институт за јавно здравје, пренесува порталот Каматица.

Соседна Србија е на 42-то место со околу 6.500 хектари под оваа култура и според Заводот за јавно здравје во Белград, за споредба, слична површина под тутунски плантажи има и Јапонија, чија територија е повеќе од четири пати поголема од Србија, како и Мексико, со територија речиси 25 пати поголема од територијата на Србија.

Според експертите, земјите што заработуваат пари од извоз на тутун, најчесто се во апсурдна ситуација, заработеното да го трошат за увоз на храна за сопственото население.

– Работник на фарма за тутун кој сади, одгледува и бере тутун може да апсорбира во своето тело количина никотин еднаква на онаа содржана во 50 цигари дневно – посочуваат српските експерти. Тутунот е одговорен за околу пет проценти од вкупното уништување на шумите, имајќи предвид дека за негово одгледување мора да се исечат дрвјата и да се исчисти земјиштето. На пример, за производство на приближно 300 цигари, потребно е да се жртвува едно дрво. Сето ова и тоа како придонесува за емисија на јаглерод диоксид, односно за прогресија на климатските промени. Во моментов, тутунот се одгледува во повеќе од 125 земји, на површина од околу четири милиони хектари, површина поголема од Руанда. Најголеми одгледувачи на листови од тутун во светот се Кина, Индија и Бразил, кои заедно покриваат над 55 проценти од вкупната територија под оваа култура.

Од 1 јули акцизата ќе ги поскапи цигарите

Од 1 јули 2020 година заклучно со 1 јули 2023 година, износот на специфичната и на минималната акциза на цигарите се зголемува за 0,20 денари по парче на 1 јули секоја година, а тоа значи ново поскапување на цигарите за најмалку 5 денари.

Според последните истражувања, околу 40 отсто од населението во Македонија се пушачи. Но и со последните поскапувања, Македонија има релативно најевтини цигари во регионот. Во моментот и кај нашите соседи следуваат поскапувања.

Имено, од 2 јуни во Хрватска веќе ќе нема цигари поевтини од 2,60 евра, а некои ќе се продаваат и за 4 евра. Од 20 мај, на хрватскиот пазар поскапеа брендовите на „Филип Морис“. Статичкиот завод на Бугарија соопшти дека само во мај тие се поскапени за 1,5 отсто, што за кутија чијашто цена е 2,5 евра, поскапувањето е за околу 7 центи. Прогнозата за тутунските производи е дека тие ќе продолжат да поскапуваат поради воведените повисоки акцизни стапки, кои стапија на сила на почетокот на март.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот