Половина од граѓаните во Македонија пушат цигари
Половина од населението во Македонија пуши цигари и конзумира производи од тутун, покажуваат резултатите од направените студии за бихевиорални и културолошки аспекти за употребата и откажувањето на тутун. Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека ќе следуваат активности според „Рамковната конвенција за контрола на тутунот“. Оваа конвенција меѓу другото предвидува да се намалат површините со тутун во Македонија, а земјава ја има потпишано во 2006 година.
-Во таа насока, со нашите партнери, разгледуваме креирање на нови, специфични активности во насока на поддршка на спроведувањето на Рамковната конвенција за контрола на тутунот, врз основа на ставовите на здравствените работници и на населението, изјави министерот за здравство доктор Фатмир Меџити.
На настанот, организиран во пресрет на „31 мај – Светски ден без тутун“, свое учество имаа доктор Ане Јохансен, специјална претставничка на СЗО во нашата земја и Сузана Ахмети Јањиќ, раководител на секторот за инклузивен просперитет во УНДП.
Во своето обраќање, министерот Меџити нагласи дека студии од овој тип за првпат се спроведуваат на национално ниво, кои служат за планирање на идните стратешки чекори, како и за подигнување на јавната свест во правец на зајакнувањето на националните активности за контрола на употреба на тутунот и тутунските производи.
Употребата на тутун е главен фактор за морбидитетот и морталитетот од незаразни болести. Сите редовни и повремени корисници на тутун се изложени на ризик од различни негативни здравствени исходи во текот на животот. Европскиот регион на СЗО е еден од регионите на СЗО со најголема преваленца на употреба на тутун, имено, 26,3% од луѓето на возраст од 15 години и постари користеле тутун во 2018 година.
Најновите истражувања, презентирани денес, повторно го потврдија фактот дека Република Северна Македонија е една од земјите со највисока преваленца на пушење тутун во европскиот регион на СЗО. Скоро половина од возрасната популација пуши редовно цигари, а 70% од нив започнале да пушат на возраст до 21 година. Пушачите, просечно пушат по 18 цигари на ден – речиси по едно пакетче. И покрај одамнешната ратификација на Рамковната конвенција за контрола на тутунот (FCTC) во 2006 година, напредокот во спроведувањето на мерките за контрола на тутунот во Северна Македонија сè уште не е на задоволително ниво.
Поради поразителните бројки неопходно е планирање и преземање активни мерки за намалување на консумирањето тутун и тутунски производи.