Граѓаните сѐ уште го чекаат ветениот паркинг на местото на полициската станица

Сѐ уште стои неуреден просторот каде што до пред три години функционираше полициската станица во Ѓорче Петров. Потоа полицајците се вселија во новата зграда, подоцна бараките од старата станица се урнаа, но на нивно место остана запуштен простор и покрај многубројните реакции на жителите од околните згради. Тие бараат Општината да го уреди просторот и да го исполни ветувањето, дека тука ќе се направи паркинг, кој е неопходен за овој дел од населбата.

– Супер што ја срушија, подрасчистија и толку. Среде маало имаме обраснати грмушки и треви, отворени дупки, мрши од животни, куп ѓубре, од некаде извира вода, па се направило мало мочуриште со жабокречина околу која летаат оси и стршени. Многу небезбедно за жителите, особено за децата, кои знаат да тргнат натаму. Непосредно по уривањето споменаа дека ќе се направи паркинг, но засега ништо. Едноставно, неопходно е да се обезбеди теренот, да се среди зеленилото, а со тоа и да се направи долгоочекуваниот паркинг бидејќи навистина имаме проблем со паркирањето – вели Вале, жителка на населбата.

Жителите објаснуваат дека Општината тука сакала да направи катна гаража, но дека тие се спротивставиле на изградбата на голем објект веднаш пред зградите. Некои се сомневаат дека на ова место се планира да се гради станбена зграда, па дека затоа просторот е оставен долго време неуреден.

– Граѓаните бараа паркинг, обичен рамен, во кој ќе има и паркче за децата, со зеленило и дрва, но Општината си имала свои замисли за овој дел, катна гаража. И покрај негодувањето на граѓаните од седум влеза, имаше и обид да се исценира дека некои граѓани од влезовите сакале катна гаража и дека градоначалникот морал да ги испочитува желбите на граѓаните. Откако беа собрани потписи од станарите, им беа доставени, но Општината изгледа реши да го остави просторот како депонија, еве веќе девет месеци. Можеби вака сака да нѐ казни бидејќи сме несложни во барањата. Едно мора да разберат градоначалниците, избрани се за да му служат на народот, а не обратно – тврди Кате, која живее во непосредна близина на запуштениот простор.

Од Општина Ѓорче Петров ветуваат дека проблемот на граѓаните ќе биде решен веднаш по парламентарните избори и негираат дека тука ќе се гради катна гаража или каков било друг објект.

– Веднаш по завршување на парламентарните избори, во план е реализација на изградба на јавен паркинг на местото на поранешната полициска станица, со што долгорочно ќе го решиме проблемот од недостиг на паркинг-места во овој дел од Ѓорче Петров. Планирано е на овој простор да се направи рамно паркиралиште за 50-ина возила – велат од Општината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот