Графичката работилница „Софија“ изложи 150 графички дела во КИЦ-Скопје

Отворање на изложбата во КИЦ – Скопје

Минатата недела беше отворена петтата триенална изложба на Графичката работилница „Софија“ од Богданци во Културно-информативниот центар во Скопје. Поставени се 150 графички листови, креирани од млади уметници од целиот регион, која е една импозантна бројка кога станува за дела од областа на графиката.

Работилницата е со 17-годишна традиција низ која досега продефилираа околу 250 талентирани уметници од ликовните академии во регионот, но и од други европски држави. Изложбата на создадените дела во последните три години ја отвори раководителот на графичката работилница, Виктор Семенпеев.

– Имаме соработка со сите ликовни академии од регионот и ако во првите години ние им се обраќавме да делегираат учесници, сега самите студенти аплицираат и изразуваат желба да бидат дел од графичката работилница. Токму тоа е најдобар доказ дека сме успеале да изградиме успешна приказна, која по условите за работа и можностите за креирање дела во различни графички техники, се издвојува како единствена во регионот – рече Семенпеев.

Директорот на КИЦ, Антонио Димитров, потенцираше: „Минатата година се обидовме да вметнеме во програмата колку што е можно повеќе графички работилници и мислам дека успеавме со тоа да ја популаризираме оваа ликовна техника. Веќе 17 години Графичката работилница ’Софија‘ од Богданци претставува своевидно јадро на графиката каде млади уметници и студенти ги почнуваат своите први чекори во оваа техника“.

Целта на Графичката работилница „Софија“ е популаризирање на графиката како начин на уметничко изразување и размена на искуства меѓу младите графичари од различните графички школи од регионот.

– Јас се чувствувам многу пријатно што стигнавме дотука и што за една година ќе бидеме полнолетни. Што е, всушност, оваа работилница? Тоа е една мала приказна меѓу мене и мојот драг пријател Драган Семенпеев-Цапе. Сакавме да создадеме работилница што нема да личи на ликовна колонија, туку ќе биде во функција во текот на целата година – истакна професорот Костадин Танчев-Динка.

Промотор на изложбата беше Илија Ико Каров, кој ја истакна важноста на оваа работилница: „Бројот три во нашата цивилизација има многу големо значење. Покрај тоа што застапува многу возвишени нешта во различни култури на сите страни на светот, особено во нашата микро цивилизација, тој претставува многу големо нешто, го претставува светото тројство и во тој контекст сакам да спомнам дека бројот три секогаш кога ќе го спомнете во ликовен контекст ме потсетува на една иста работа, а тоа е триеналето на Графичката работилница ’Софија‘ од Богданци“.

Организатор на работилницата е Здружението на граѓани Графичка работилница „Софија“ од Богданци, а главен поддржувач на настанот е Печатница „Софија“ Богданци, како и Министерството за култура.

На работилницата до сега имаат учествувано уметници од ликовни академии во Белград, Нови Сад, Ниш, Загреб, Осиек, Љубљана, Варшава, Солун, Сараево, Софија и Скопје. Изложбата во КИЦ – Скопје ќе биде отворена до 13 февруари 2024 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 216, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4.2.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот