Градот ќе се потсети на денот на трагедијата и на солидарноста со настанот „За Скопје“

Денот што во историјата остана забележан по трагедијата што ја предизвика разурнувачкиот земјотрес, но истовремено и денот што остана во меморијата на скопјани по солидарноста и помошта која пристигна од целиот свет – 26 јули, годинава ќе биде одбележан со настан што го организираат Младинскиот културен центар, Град Скопје и Музејот на град Скопје. Програмата што на 26 јули ќе се одржи во МКЦ ќе почне во 19 часот и ќе содржи поетско читање, изложба, филмска проекција и три концерти.

Организацијата на Жени на Град Скопје традиционално го одбележува 26 Јули со мотото „Со љубов за Скопје кое го сакам“ и поетесите ќе ги читаат своите песни посветени за Скопје.

Музејот на град Скопје ја подготви изложбата „За Скопје со срце од целиот свет“ на авторката Зоја Богдановска. Основната идеја на изложбата е пред публиката да се презентира хуманоста и солидарноста на народите од целиот свет, кои не признаваат граници и меридијани, а океаните стануваат мала пречка кога човекот сака да му помогне на човека.

На филмската проекција ќе биде прикажан експерименталниот документарен филм „1963: Добра ноќ Скопје“ на Илија Павлов.

Музичката програма содржи концерти на три групи и диџеј-сет на Бојан Чакра, кој ротирајќи околу џез-жанрот ќе направи селекција од поджанровите кои го менуваат курсот на американската музика во периодот од 1955 до 1965 година, а најмногу би-бап, хард-бап, афро-кубан, соул-џез и латино-џез.

Групата „Зулу 3.4“ е еден од поновите современи џез состави од Скопје, основан 2018 година од страна на Дамјан Даневски со идеја да собере на едно место млади џез ентузијасти, чија цел е да создадат уникатен звук преку фузија на различни стилови.

„Офф граунд ансамбл“ е состав од музичари чии звуци формираат специфична магија, инспирирана од афро и традиционалните ритми со фузија на џез и светска музика.

„Калата“ е македонски бенд/проект формиран од Симеон Ангеловски (басист, аранжер, композитор) во 2018. Иако започнуваат како дуо, „Калата“ денес брои девет членови. Нивна инспирација е сета прекрасна и длабоко вкоренета традиционална македонска музика.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 138, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24 јули 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот