Градоначалникот Таравари незаконски ги честел општинарите

арбен таравари
Фото: Фејсбук

Спротивно на законот, гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари потрошил 30.000 евра за да го награди секој вработен со по 10.000 денари, оценил Државниот завод за ревизија во својот извештај за работењето на гостиварската локална самоуправа во 2018 година.

Ревизорите наведуваат серија неправилности во работењето на Општината – незаконски спроведени јавни набавки, незаконски вработувања, нетранспарентно трошење, па дури и пуштање во употреба на потенцијално опасен мост на Вардар, без извршен технички прием.

Ревизијата изрази мислење дека финансиските извештаи на Гостивар не се во согласност со законите.

Награда за секој вработен

 

„Во текот на 2018 година исплатени се награди на вработените во вкупен износ од 1,8 милиони денари, од кои 346 илјади денари (5.600 евра) се исплатени од сметката тековни резерви, врз основа на две решенија на градоначалникот, за успешна работа на вработените во прво и второ полугодие, а се однесува на сите вработени во администрацијата, ангажираните преку агенции за вработување и по договор на дело. Наградата изнесува по 10.000 денари поединечно“, се вели во извештајот и се додава дека тоа е ненаменско и нетранспарентно трошење затоа што исплатата на награди не е предвидена во Законот за административни службеници или во кој било друг правен акт. Парите од резервите се исплатени без претходна одлука на Советот на Општината, а тие пари смеат да се користат само за непредвидливи случаи.

Лани на 13 лица општината им исплатила вкупно 370 илјади денари за извршена достава на решенија и опомени за данок на имот, при што договорите со доставувачите се склучувани за надоместок од 12.000 до 35.000 денари, без да се прецизира кој по колку решенија треба да достави. Според договорот, доставувачите требало да изготвуваат неделни извештаи за сработеното. Исплатата на дел од надоместокот требало да се случи по завршената работа, а една третина од сумата по доставата на опомените за неплатен данок. Ревизорите утврдиле дека доставувачите не поднесувале неделни извештаи, а си ја добиле целата договорена сума иако во 2018 година не доставувале опомени.

Исто така, Општината лани врз основа на 27 договори на дело исплатила 2 милиони денари и тоа за работни задачи што се предвидени со систематизацијата на работните места, односно за задачи што би требало да ги вршат вработени лица, затоа што договори на дело смеат да се склучуваат само за вршење определена работа еднократно.

„Утврдените состојби укажуваат на субјективност во изборот на лица и нивна повластена положба во постапката за нивно ангажирање“, наведуваат ревизорите.

Фудбалски клуб наместо 2.500 евра добил 91.000 евра

 

Општина Гостивар со програмата за уредување градежно земјиште предвидела да потроши 3 милиони денари (49 илјади евра) за хортикултурно уредување, а склучила двојно поскап договор во вредност од 5,9 милиони денари, кој е целосно реализиран без да се направи измена во програмата, што е спротивно на Законот за буџетите и претставува ненаменско и незаконско трошење.

Ревизорите утврдиле и дека за финансирање на спортските клубови се доделувани повеќе пари од дозволеното. За 2018 година за оваа намена биле предвидени вкупно 6,2 милиони денари (100 илјади евра), а најмногу пари што еден клуб можел да ги добие при поединечна исплата е 150 илјади денари (2.500 евра). Наместо да ги почитува сопствените правила, Општината на фудбалскиот клуб „Гостивар“ и на кошаркарскиот клуб „Гостивар“, кои се приватни акционерски друштва им исплатила дури 5,6 милиони денари (91 илјади евра), а на ревизијата не им доставиле ниту образложение зошто се исплатени повеќе пари, ниту извештај за која цел клубовите ги потрошиле.
За финансирање на проекти од културата, Општина Гостивар потрошила 1,3 милион денари (22,5 илјади евра) кои не биле предвидени во програмата за култура. Општината ги разделила парите за културни манифестации без јавен повик за доделување финансиски средства и без извештај на својата веб-страница кому ги дала парите, а субјектите што добиле општински пари не доставиле извештај како ги потрошиле.

Лани општината потрошила 23 илјади евра без постапки за јавни набавки и тоа за угостителски услуги, градежни услуги, поштенски услуги, за авионски карти и хотелско сместување, што според ревизорите укажува на несоодветна процена на годишните потреби и непочитување на Законот за јавни набавки.

Општината си плаќала без да провери колку треба да плати

 

Од 2015 до 2018 година Општината потрошила 21 милион денари (344 илјади евра) за капитални инвестиции, а на ревизијата не ѝ била доставена целосна документација како поткрепа за извршените работи, како градежни книги, дневници, извештаи од надзори итн.).

На пример, за санација на санитарен јазол во училишниот дом „Бранко Станоевиќ“ се потрошени 400 илјади денари (6.500 евра), а Општината нема градежна книга за зафатот. За набавка и монтажа на потопна пумпа во Форино е склучен договор од 868 илјади денари, а заради непредвидени работи, трошоци и кушоци е склучен и анекс во кој е наведено дека непредвидените трошоци ќе се прикажат во градежната книга и градежниот дневник, што не се случило.

Дури, во пресметката за изградба на улица околу џамијата во селото Дебреште е направена аритметичка грешка поради која Општината платила 96 илјади денари повеќе од потребното.

Пуштиле мост на Вардар без технички прием!

 

Општината во 2015 година зела кредит од 380 илјади евра за да гради мост на Вардар, а изградбата почнала во 2016 година.

„Во април 2017 година мостот е пуштен во употреба без технички преглед. Во тек е судска постапка во која општината е тужена од изведувачот. Користењето на објектот за кој не е извршено примопредавање, не е извршен технички преглед со кој се потврдува дека објектот е изграден според основниот проект и за кој не е издадено одобрение за употреба, може да доведе до непредвидени ризици по градбата и по лицата што ја користат“, предупредуваат ревизорите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот