Собрание Фото: Принтскрин

Господата министри „немаат време“ за опозициските пратеници

И денеска, за опозициски пратенички прашања повеќето министри и нивните заменици не дојдоа. Не се појавија ниту Зоран Љутков, ниту Игор Филков, а Бесар Дурмиши се појави на инсистирање на пратеникот Оливер Спасовски, кој побара еден час пауза „за да се обезбеди министерот“.

Опозициските пратенички прашања што беа воведени со новиот собраниски Деловник и првпат се практикува од актуелниот собраниски состав ја губат својата смисла, бидејќи на прсти се бројат министрите што присуствуваат на седниците за да одговараат пред пратениците. Министрите им даваат приоритет на други активности и впечаток е дека најмалку им е важно да дадат отчет пред пратениците, иако Собранието претходно ѝ најавува на Владата за кои ресори пратениците се заинтересирани да постават пратеничко прашање.

Засега, Собранието очигледно нема решение како да ги натера министрите да присуствуваат на седниците, иако опозицијата редовно реагира, а и претседателот на Собранието Африм Гаши во повеќе наврати за ова ѝ укажал на Владата.

И на денешната седница за опозициски пратенички прашања повеќето министри не дојдоа, иако им било најавено дека ќе има прашања од нивните ресори. Отсутен беше министерот за економија Бесар Дурмиши, кој во Собранието се појави откако реагираше координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски и побара еден час пауза за да дојде министерот. Отсутни беа и министерот за култура Зоран Љутков и неговиот заменик, иако тројца од осум пратеници што беа пријавени за седницата, токму нему сакаа да му постават прашања. Пред пратениците не се појави ни министерот за правда Игор Филков. Само отсуството на премиерот Христијан Мицкоски претходно беше најавено.
Изреволтиран бидејќи има повеќе отсутни отколку присутни министри, Спасовски побара еден час пауза за претседателот на Собранието Африм Гаши да го обезбеди присуството на министерот за економија Бесар Дурмиши.

– На седницата се одржуваат опозициски прашања и, според Деловникот, треба да се извести кој ќе поставува прашања. Пратеничката Јована Тренчевска требаше да постави прашање до министерот за економија Бесар Дурмиши. Повторно го имаме истиот проблем, Дурмиши го игнорира Собранието и продолжува да не присуствува. Тој и денеска не е тука. Ваков однос кон Собранието најмалку може да има Дурмиши. Крајно време е да се почитува институтот пратенички прашање. Ако не може министерот да дојде, нека дојде заменик-министерот, ако не можат двајцата, тогаш ставете двајца-тројца заменици, оти министерот и заменикот се многу зафатени или нека кажат не сме спремни да одговараме пред пратениците. Претседателе, вие треба да го обезбедите присуството на министрите. Не може да поставуваме прашања во ветер, ни Бесар ни Марјан (Ристевски, заменик на Дурмиши – н.з.) не се тука. Која е поентата да поставуваме прашања написмено, тоа можеме секој ден да го правиме. Која е смислата на пратеничките прашања ако министрите не се појавуваат. Барам еден час пауза за да си го обезбедите министерот – рече Спасовски.

Откако се појави во Собранието, Дурмиши рече дека бил на претходно договорена конференција.

– Ниту едно прашање не останало без одговор од Министерството за економија. Задоцнив, бидејќи имаше претходно договорена конференција – рече Дурмиши.

Забелешка за отсуството на министерот за култура Љутков упати координаторката на пратеничката група на Европскиот фронт, Рина Ајдари, а прашање за него имаа и пратениците Халил Снопче и Риад Шаќири. Пратеничката Арбана Пашоли, пак, остана покуса за одговор од министерот за правда Филков.

– Љутков треба да знае дека соочување со пратениците е соочување со народот. Очигледно е дека министерот се плаши да се соочи со пратениците, односно со граѓаните – рече Ајдари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот