Горанците од Косово ѝ порачаа на Јотова: Овде нема Бугари и никогаш немало

Илијана Јотова, потпретседател на Бугарија/Фото: Скриншот/Bulgaria ON AIR

Партијата „Наша иницијатива” од Косово, која ги застапува интересите на Бошњаците и на Горанците во земјата, изразува загриженост по повод ненајавената посета на потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова на Косово на 18 февруари, и вестите во Бугарија околу целта на нејзината посета, објави електронското издание на весникот „Илинден”.

Во реакцијата, партијата ја отфрла изјавата на Јотова дека на Косово „живеат околу 15.000 Бугари“, мислејќи на Бошњаците и на Македонците (Горанци) во областа Гора и Призренска Жупа.

Партијата смета дека на овој начин Бугарија ја злоупотребува својата положба и членството во Европската Унија, грубо мешајќи се во внатрешните работи на Косово.

„Ги осудуваме манипулациите на Софија и претставувањето на Бошњаците и Горанците на Косово како Бугари, пишува во реакцијата.

Партијата потсетува дека на пописот на населението во 2011 година, Бугари во општините Драгаш и Призрен „воопшто нема или се на ниво на статистичка грешка”.

„Како партија не го оспоруваме правото на Македонците и Бошњаците да се школуваат во Бугарија, но сметаме дека тоа не може, не смее и не треба да биде условено со асимилација. Потврдуваме дека Горанците и Бошњаците се уставно признати од страна на Косово, и силно сме против тековната нивна ‘бугаризација’ во општините Призрен и Драгаш“, велат од партијата.

„Оваа година е година на попис на населението на Косово, а обидите на Софија да создаде Бугари се со цел да ги залаже, да ги доведе до заблуда и да ги изманипулира Бошњаците и Горанците на Косово. По кој знае кој пат повторуваме дека тие не се Бугари, ниту биле, ниту кога и да е ќе бидат“, се посочува во реакцијата.

На крајот партијата на Бошњаците ги повикува сите Македонци и Бошњаци на Косово да се спротивстават на „обидите на Софија за нивна бугаризација”.

„Секој има обврска да ги информира останатите на кои овие бугарски манипулации се уште не им се јасни. Студирање и соработка – ДА! Асимилација – НЕ! Стоп на асимилацијата и бугаризацијата на Косово, биди тоа што отсекогаш си бил“, стои на крајот од реакцијата на Наша Иницијатива.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот