Големиот пожар во Тетово е локализиран, нема опасност по здравјето на тетовчани

Големиот пожар во фабриката за градежни материјали во Тетово доцна синоќа е локализиран. Пожарот го гасеа околу 150 пожарникари од Тетово, Скопје, Куманово и Кавадарци. Напомош пристигнаа и припадници на армијата, како и полициски хеликоптер. Пожарот целосно го парализираше животот во градот. Во огнената стихија двајца пожарникари беа полесно повредени, а неколкумина граѓани кои го гаселе пожарот вдишиле чад. Тешка механизација е влезена внатре во кругот на фабриката за да расчистува.

Групата за проценка од Центарот за управување со кризи проценила дека нема опасност од ширење на пожарот во Тетово и заклучила дека не се исполнети условите за прогласување на кризна состојба на дел од територијата на земјата на подрачјето на општина Тетово.

Општина Тетово, иако претходно најави дека во наредните два дена нема да се одржува настава во училиштата поради загадениот воздух од чадот од пожарот, сепак ги повика учениците утре да дојдат на училиште.

Од компанијата „Пофикс“ чии простории беа зафатени од денешниот пожар во поранешен „Македонија Табак“ во Тетово, преку социјалните мрежи изразија жалење за трагедијата. Причините за пожарот, наведуваат во соопштението, сè уште не се познати, но она што е најважно е дека нема човечки жртви.

„Во оваа прилика, јавно им се заблагодаруваме на противпожарните екипи, градоначалникот на Тетово и надлежните органи кои максимално си ја вршат својата работа на терен, како и на граѓаните и на бизнисмените од Тетово кои се вклучија во гаснењето на огнот. Воено, ја информираме јавноста дека пожарот во голема мера е изгаснат. Со надеж дека ќе ја надминеме оваа ситуација што побрзо, изразуваме жалење за оваа несреќа“, велат од „Пофикс“.

Во Тетово гореше фабрика за производство на пластика, лакови и бои и градежни материјали, а пожар со толкав обем немало одамна. Вчера градот Тетово беше обвиен со чад и кај граѓаните се појави страв дека станува збор за испарувања опасни по здравјето. За тоа како се гаснеше пожарот во фабриката „Пофикс“ во Утрински брифинг разговаравме со директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.

-Наместо да правиме проценка, дојде тим од АРСМ со опрема која е донација од САД и извршија мерење. Чад имаше, но немаше отровни материи. Нивната опрема може да детектира отровни испарувања. Граѓаните треба да бидат спокојни, нема никаква опасност по нивното здравје, вели Стојанче Ангелов, директор на ЦУК за Утрински брифинг.

Се огласи компанијата „Пофикс“, чијашто фабрика гореше во Тетово: Не знаеме како избил пожарот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот