Големи се штетите од палењето контејнери, набавката на нови чини илјадници евра

Фото: ЈП Комунална хигиена

Претпријатието трпи значителни финансиски штети преку секое уништување на садовите поставени на јавни површини, кои во најкус можен рок се заменуваат со нови за да не се наруши динамиката на собирање на комуналниот отпад во Скопје

Десетици контејнери, особено оние што се поставени на главните сообраќајници низ Скопје, се честа мета на несовесни граѓани што ги палат или наоѓаат други начини физички да ги оштетат. Токму поради ваквиот несовесен однос на поединци, ЈП „Комунална хигиена“ и граѓаните на Скопје трпат штета од финансиски, но и од еколошки аспект.

Како што информираат од ова јавно претпријатие, покрај дополнителните финансиски средства што ги издвојуваат за набавка на нови садови за отпад кои повторно се поставуваат на локациите на оштетените контејнери, со предизвикувањето на ваквата штета, тие како претпријатие трпат и последици поради нарушувањето на динамиката што ја имаат однапред предвидено кога станува збор за одлагање, собирање и транспорт на комуналниот отпад во Скопје.

Последна ваква случка за која алармираа надлежните институции се случи викендов кога непознати сторители опожариле три контејнери на булеварот Крсте Мисирков, во близина на Бит-пазар, кои по палењето се целосно уништени и неупотребливи.

ЈП „Комунална хигиена“ сноси значителни финансиски штети преку секое уништување на садовите поставени на јавни површини, кои претпријатието во најкус можен рок ги заменува со нови, со цел да не се наруши динамиката на одлагање, собирање и транспорт на комуналниот отпад во градот Скопје – велат од ова јавно претпријатие.

Оттаму велат дека, набавката на еден пластичен контејнер со зафатнина од 3,2 кубни метри ги чини приближно 2.000 евра, додека пластичните контејнери од 1,1 кубен метар ги чинат околу 300 евра, а металните контејнери со зафатнина од 1,1 кубен метар се околу 400 евра со пресметан ДДВ.

За да се намали ваквото однесување на поединци, не помагаат ниту многубројните апели што ги упатува јавното претпријатие, но и на Град Скопје.

Градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ апелираат до сите граѓани да ги чуваат и да не ги оштетуваат садовите за одлагање отпад поставени на јавните површини за да се овозможи ефикасно одлагање на комуналниот отпад и да се одржува јавната хигиена. Садовите за отпад се набавуваат со средства од граѓаните, а со нивното оштетување се нанесува голема финансиска штета. Поради тоа, ги охрабруваме граѓаните да го пријават секој случај на вандализам врз контејнерите и врз другата урбана опрема за да се одржува комуналниот ред во градот, а јавните површини да бидат уредени и чисти – се вели во соопштението од Град Скопје..

Според надлежните, во моментов на целата територија на Скопје има поставено доволен број садови за одлагање комунален отпад, но исто така за дополнително подобрување на хигиената во градот како и за спречување на натрупување отпад околу контејнерите, практика што може да се види на терен, предвидено е и набавка на нови оваа година.

Од „Комунална хигиена“ прецизираат дека во рамките на Програмата за инвестиции за 2022 година е предвидена набавка на 300 метални контејнери со зафатнина од 1,1 кубен метар, 300 пластични контејнери со зафатнина од 1,1 кубен метар и 50 пластични контејнери со зафатнина од 3,2 кубни метри.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот