Голем скок на Павлов на светската ранг-листа

Најдобриот македонски каратист Емил Павлов полека го трасира својот пат кон учество на Летните олимписки игри во Токио 2020. Се уште е неизвесно дали таму ќе стигне, но има реални шанси. На светската ранг-листа (април) за пласман на претстојните ЛОИ сега е на 40. место во својата категорија, а виза за Токио обезбедуваат првите десетмина.

До неодамна Емил беше на 108. место со 270 бода, а на најновата априлска листа е на 40. место (892,5 бода). Овој огромен скок му го овозможија последните добри резултати на меѓународно ниво. Да потсетиме, Павлов на неодамнешното Европско првенство во Гвадалахара освои бронзен медал во борби. Актуелниот спортист на годината во Македонија, е оптимист што се однесува до обезбедување норма за ЛОИ 2020.

Бронзата на ЕП му обезбеди на Павлов директно учество на Европските игри (21-30 јуни) во Белорусија каде што може да освои нови бодови за уште еден скок на споменатата листа за ЛОИ.

– Веќе обезбедив норма за Европските игри. Бронзата од ЕП ми донесе и значајни поени на светската ранг-листа. Се доближувам до нормата за учество на ЛОИ. Секако, најмногу би ми одговарало да освојам злато во Минск, со што би освоил и најмногу поени за ранг-листата. Има уште многу турнири покрај Игрите во Минск, на кои може да се освојат поени. Но со поените од ова ЕП што помина и со евентуалниот добар пласман во Минск, ќе бидам навистина близу до целта – Токио – вели Павлов.

Во паметење ќе остане полуфиналната борба на Павлов во Гвадалахара кога изгуби поради грешка на судијата и беше оневозможен да го брани златото од ланското ЕП.

Но Павлов не е огорчен, ја прифаќа неправдата како составен дел од спортот и не се оптоварува со тоа.

– Неправдата во полуфиналето ме деконцентрира до некаде, но успеав да се соземам и да заборавам. Таков е спортот. Има и неправди со кои морам да се помирам. Но истовремено тие и ме прават да бидам уште посилен за следните натпревари.

Најдобриот спортист на Македонија за 2018 година досега двапати бил европски шампион. Во 2014 година во Тампере, Финска и 2018 година во Нови Сад, Србија, освои злата, а во 2016 година во Монпелје-Франција, освои бронза, исто како и во Гвадалахара пред неколку дена. Емил има вкупно четири медали од ЕП со што е најуспешниот македонски каратист.

Последниот трофеј од Шпанија е 15. медал од европските првенства за Македонија, од 2005 година наваму (три злата и три сребра, со уште девет бронзи). Во оваа низа само во 2006 и во 2012 немаме освоено медал од европските самити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот