Годишен извештај на ЕУ: Жените чувствуваат повеќе последици од пандемијата одошто мажите

Знамињата на ЕУ / Фото: Архива

Во годишниот извештај на Европската Унија (ЕУ) за родовата еднаквост се наведува дека жените се повеќе погодени од пандемијата на ковид-19, бидејќи тие, меѓу другото, се побројни меѓу здравствените работници, а има зголемување и на семејното насилство во овој период.

Во извештајот на ЕУ кој ќе биде објавен денеска, и во кој имале увид некои светски агенции, се вели дека се зголемиле здравствените ризици за жените, како и товарот и предизвиците во рамнотежата меѓу деловниот и приватниот живот, а жените исто така преземале поголема одговорност при заклучувањата поради пандемијата.

– Пандемијата на ковид-19 имаше поголемо влијание врз животот на жените. Веќе има доволно докази дека тешко освоените достигнувања во изминатите години се вратени назад, а напредокот во правата на жените тешко се освојува, но лесно се губи, се вели во годишниот извештај на ЕУ.

ЕУ потенцира дека пандемијата има особено негативно влијание врз безбедноста на жените и оти е забележано зголемување на семејното насилство во Франција, во Литванија, во Ирска и во Шпанија за време на првото затворање во пролетта 2020 година.

ЕУ констатира дека жените извршуваат повеќе работи отколку мажите во кои е потребен личен контакт и затоа се најмногу погодени од ограничувањата воведени во борбата против ширењето на коронавирусот.

– Преголемата застапеност на жените во пониско платени сектори и занимања, како што се угостителски, малопродажни или лични услуги, ги прави особено ранливи на пазарите на труд погодени од кризата со ковид-19, се вели во годишниот извештај.

Во извештајот се наведува дека вработувањето на жени во ЕУ паднало нешто повеќе од вработувањето на мажите за време на раниот период на пандемијата и оттогаш жените имале повеќе тешкотии при наоѓање нова работа.

Според извештајот, тоа може да доведе до пониски пензии за жените и зголемување на родовиот јаз во пензиите и други нееднаквости во следните децении.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот