Глутници кучиња, искршени детски игралишта, неосветлени улици – има ли Карпош градоначалник?
Карпошани реагираат на повеќе проблеми со кои секојдневно се соочуваат, а за кои, како што велат, општинското раководство не прави ништо за да ги реши
Многу забелешки имаат карпошани за работата на новото општинско раководство, кое според нив, за пет месеци не направило речиси ништо за решавање на проблемите со кои секојдневно се соочуваат. По социјалните мрежи има реакции за лошото улично осветлување со посочување конкретни улици каде што нема осветлување, за искосени и несобрани треви, за нехигиената низ општината, но и за глутниците кучиња поради кои карпошани со страв излегуваат навечер на улица.
Препорачано
Луѓето се незадоволни и од работниците што треба да ја одржуваат чистотата на улиците, тврдат дека слабо работат.
Освен на главните улици, метла немате ставено никаде. Каде ви се комуналните инспектори да одат низ населбата и да ги слушнат проблемите на граѓаните? Ако не пријавиме проблем, не го гледате. Само викате ви фалат вработени. А за кучињата, како за уличните така и за комшиските, кои од лаење ни ги дупнаа ушите, ич муабет да не правиме. Сотир како да не постои. Имаме ли градоначалник? – прашува карпошанка на социјалните мрежи.
Граѓаните се жалат и поради нерешени инфраструктурни проблеми и бараат што поскоро да се реши проблемот со паркирање. Прашуваат до каде е воведување на зонско паркирање на просторот кај Министерство за економија, кај Млечен, во Лептокарија и во другите населби каде што секојдневно едвај се наоѓа слободно место за паркирање. Како што велат, само се тргнаа рампите што колку-толку им го олеснуваа на жителите проблемот со недостигот на паркинг места.
Шест месеци поминаа, за шест месеци единствено што добивме во Карпош е префрлање на надлежности од Општината на Градот и две урнати рампи колку да покажат демек ред и поредок таму каде што луѓето од спокој добија хаос поради претходно донесените ДУП-ови од нивно време, никакво решение за паркирањето „кој кај стигне“, нити видовме план за решенија, оставени луѓето на стихија – вели жител на Карпош.

Забелешки има и за уништената урбана опрема и детските игралишта.
Дали планирате некогаш да ги средите детските игралишта во Карпош 3? На фонтана гелендри фалат од скаличките, тобоганот цел раштрафен, лулашките ковани со даскички од родители. Зад „Рептил“ на „Пелистерска“ мизерија, ѓубре на сите страни, даскички фалат, небезбедно за деца. Кај адреналинскиот парк срамота е да се каже дека е игралиште, откорната подлога, небезбедни лизгалки. Во „Лазо Трповски“ измет од кучиња. Можеби чекате пролет, ама ние децата ги шетаме 365 дена во годината – реагира карпошанка во групата „Општина Карпош – пријави проблем“.
Дека многу малку е сработено, покажува и реализацијата на буџетот во првите три месеци од годинава. Во Кварталниот извештај за извршување на Буџетот за 2026 година е наведено дека од вкупните планирани приходи во износ од 2.159.676.279 денари, во првиот квартал се реализирани 400.639.022 денари.
Општината се занимава со изнајмување опрема и бина, а карпошани сѐ уште ги чекаат ветените проекти
На седницата, на која Кварталниот извештај беше без проблеми изгласан од мнозинството советници, забелешки изнесе советникот од Левица, Славко Митевски.
Тој посочи дека извршувањето на буџетот e околу 16 отсто, што е катастрофална реализација, а потоа укажа и на неколку поединечни ставки што се во интерес на граѓаните.
На пример, како што рече, реализацијата на предвидените средства за одржување урбана опрема е под 1 отсто, иако насекаде низ општината има искршени клупи и детски игралишта. За јавно осветлување во Буџетот се предвидени повеќе од 16 милиони денари, а реализирани само околу 200 илјади.
Не може да имаме неискосена трева, а и сега како е искосена, како коњи да ја паселе. Не ме изненадува што голем број граѓани прашуваат дали Општината воопшто функционира, затоа што многу малку работи се направени за овие три месеци. Имаат право граѓаните што реагираат, дали функционирате или не, што се случува? Не се работи како што треба и Општината мора да биде поактивна. Ми се јавуваат луѓе и ми велат немаме светло и јас се јавувам кај службите за да ми речат – немаме тендер, а програмите и буџетот се донесени навреме. Зошто се чека четири месеци за да се пуштат тендери? Градоначалнику, ова е сериозно, станува збор за практични работи што граѓаните ги чувствуваат – рече Митевски на последната седница на Советот обраќајќи му се на градоначалникот Сотир Лукровски.

Според Лукровски, пак, факт е дека можеби малку се доцни со одредени постапки, но за она што е од сфера на интерес на граѓаните, постапките веќе биле делумно завршени или биле во тек.
Но, не дека некоја не е отпочната и по нивното завршување ќе се постапува по одредените забелешки. Што се однесува до косењето на тревата, ова е најкритичниот период, има врнежи, па сонце. Знам дека со оние капацитети што ги имаме, реонски, блоковски се постапува, секој ден се на терен луѓето. Во однос на уличното осветлување, сметам дека и покрај тоа што во изминатиот период немавме тендер, сепак наоѓаме решение барем за она до мене што стига како одредени позиции, ќе биде коригирано – одговори Лукровски.
Незадоволен од објаснувањето на градоначалникот или за да го „одбрани“, на советниците им се обрати и претседателот на Советот, Христо Саракинов од ВМРО-ДПМНЕ.
За урбаната опрема веќе тендерите се во постапка, па многу бргу ќе бидат обновени детските игралишта и клупи, но и денес да ги обновиме, утре повторно ќе се искршат – рече Саракинов, а притоа не заборави да му порача на Митовски да не се прави експерт за тоа како се коси трева.
Како и да е, независно од ставовите на советниците, за кои треба да се има предвид дека може да се и политички „обоени“, градоначалникот Лукровски и Општина Карпош мора повеќе да покажат слух за забелешките и за барањата на граѓаните. Оти потребите на граѓаните секогаш треба да се приоритет за работата на локалната власт.


