Ѓорѓиевски: Арсовска нема ингеренции да казнува, ЈП „Дрисла“ е лоцирана во општина Сопиште

За казната од градоначалничката Данела Арсовска до Општина Кисела Вода, нема да биде потрошен ни денар од парите на граѓаните, односно од општинскиот буџет, затоа што за оваа казна нема основ, рече денеска на прес конференција градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Тој информира дека казната, во износ од околу 83 000 евра официјално не е стигната до нив, но според негови сознанија таа веќе била потпишана, а се однесува на истурањето отпад пред влезот на депонијата „Дрисла“ во неделата вечерта. Казна ќе добие и Општина Сопиште, но со помал износ.

Неспособноста и агресивноста на Арсовска кулминираше во последните 24 часа. Освен што јавноста може да забележи дека е некадарна, неспособна и нема капацитет да го води Град Скопје, со последнава нејзина активност и обидот да се пише казна по џебот на граѓаните на Кисела Вода покажува дека ниту си ги знае своите надлежности, нити ингеренции, ниту територијата што ја администрира – рече Ѓорѓиевски.

Тој повторно објасни што се случи во неделата вечерта, кога поради тоа што цел град се претворил во голема депонија, градоначалниците се самоорганизираа и со помош на други општини го собираа отпадот, но потоа беа спречени да го депонираат во ЈП „Дрисла“. По час и половина чекање пред депонијата, како што вели градоначалникот, едната опција била да се истури ѓубрето пред „Дрисла“, а другата да се врати во општината. Во меѓувреме, тврди Ѓорѓиевски, во депонијата биле селективно пропуштани да влегуваат камиони со странски регистрации.

Во однос на тврдењето на ЈП „Дрисла“ дека договорите за депонирање на отпад на општините Кисела Вода и Аеродром им се истечени уште во март, градоначалникот покажа фактури со кантарски белешки за депониран отпад доставени од „Дрисла“ неколку дена пред случката.

 Ако не сме можеле да одлагаме отпад во „Дрисла“ без договор тогаш како во изминатите три месеци без проблем сме го депонирале таму и за тоа сме добивале фактури кои уредно сме ги плаќале? – праша градоначалникот.

Тој на Арсовска и порача дека со својата постапка го крши Законот за отпад, а дека најстрашно од се е што не ги знае границите на територијата што ја администрира и каде нема надлежности да постапува.

ЈП „Дрисла“ е лоцирана во дел од општина Сопиште и дел на Студеничани, кои се надвор од границите на Град Скопје и на ингеренциите на Град Скопје. Ја прашувам Арсовска дали ги знае своите надлежности кога испраќа инспектори каде што не е надлежна? Дали тоа значи дека утре може да се разбуди и да си мисли дека е министер за внатрешни работи и да почне да казнува по улици? – рече Ѓорѓиевски.

Според него, вработените во градската администрација и во јавните претпријатија се изложени на голема тортура, а како што рече двајцата инспектори кои ја потпишале казната, морале да го направат тоа затоа што изборот им бил или да потпишат казна или да си потпишат отказ.

Како општина имаме постојани опструкции кои произлегуваат од нејзините лични фрустации и со „Водовод и канализациј“а и со „Комунална хигиена“ – рече градоначалникот на Кисела Вода и повторно, како што неодамна изјави, рече дека длабоко се кае што некогаш се довел во ситуација да и даде поддршка на Арсовска.

Од ЈП „Дрисла“ денеска не одговорија на прашањата колку скопски општини имаат активни договори со претпријатието и како во изминатите месеци без договор, дозволувале депонирање отпад на депонијата.

И од Град Скопје досега молчат и нема никаква информација за казната кон општините Кисела Вода и Сопиште.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот