Ѓорѓиев: Да се бориме за историски момент против Рунар и место во европско финале
В недела од 20.00 часот во салата Автокоманда во Скопје ќе се игра првиот натпревар од полуфиналето во ЕХФ Европскиот куп помеѓу ракометарите на Алкалоид и Рунар Сандефјорд од Норвешка.
Препорачано
Своите очекувања за првите 60 минути од овој двомеч на прес-конференција ги сподели тренерот на македонскиот тим, Кирил Лазаров:
– Пласманот во полуфиналето со македонски сили секако дека е успех, се надевам дека ќе имаме сила и енергија по тешките мечеви на домашната сцена да излеземе на терен и да водиме борба во целите 60 минути со Рунар, знаејќи го нивниот скандинавски стил – изјави Лазаров.
Победникот од овој двомеч во финалето во ова клупско натпреварување ќе игра со подобриот од пресметките меѓу АЕК (Грција) и Извиѓач (Босна и Херцеговина).
– Нѐ очекува меч од огромно значење, прво европско полуфинале. Голем момент како за Алкалоид, така и за македонскиот ракомет. Затоа сакам да ги повикам сите љубители на ракометот да бидат наша поддршка, наш седми играч и да се бориме за историски момент против Рунар и место во европско финале – рече ракометарот на Алкалоид, Игор Ѓорѓиев.


