Германија: Осомничениот за исчезнувањето на малечката Медлин живее како бездомник во Кил
Главниот осомничен за исчезнувањето на малечката Британка Медлин Мекен во Португалија, Германецот Кристијан Брукнер, кој беше ослободен од затвор во септември, оттогаш живее на улица, објави неделникот „Дер Шпигел“.
Препорачано
Брукнер, кој беше ослободен на 17 септември по отслужување седумгодишна затворска казна во Германија за силување на 72-годишна Американка во Португалија во 2005 година, никогаш не се соочи со обвиненија во случајот Меди поради недостаток на доволно докази.
„Значително опасен“ според германскиот обвинител, кој не можеше да го спречи неговото ослободување, тој носи електронска нараквица и мора однапред да го извести судот за каква било промена на живеалиштето или местото на живеење и да добие негово одобрение.
Но, Брукнер сега спие во шатор во парк во Кил, град во близина на Балтичкото Море во северна Германија, под постојан надзор на двајца полицајци задолжени да го заштитат од „можни напади од јавноста “, објави „Дер Шпигел “, кој разговараше со него.
По неговото ослободување од затвор, Брукнер бил однесен во центар за рехабилитација во Нојминстер, објави списанието.
Но, кога жителите откриле каде живее, тие „го навредувале и му се заканувале“, принудувајќи го да замине девет дена подоцна под полициска придружба, објави списанието.
Потоа Брукнер отишол во Брансвик каде што се обидел да разговара со обвинителот кој го обвинува за киднапирање на Меди, но не му било дозволено да влезе во канцеларијата на обвинителот, според „Шпигел“ .
Потоа отишол во Кил, каде што работат неговите адвокати, престојувајќи кратко во разни евтини хотели, од кои бил исфрлен секој пат кога ќе го препознаеле.
Исчезнувањето на Медлин Мекан во мај 2007 година од куќа за одмор во Португалија, за време на оброк со нејзините родители во близок ресторан, никогаш не било решено.
Во 2020 година, германските истражители го именуваа Брукнер како главен осомничен, велејќи дека имаат опипливи докази, но тие се покажаа како недоволни за да го обвинат.
Во времето на настаните, обвинетиот живеел во крајбрежниот португалски град Алгарве, во близина на местото каде што престојувале Мекенови, а сигналот од мобилен телефон на негово име бил детектиран во близина на нивниот дом во ноќта на исчезнувањето.
Тој бил ослободен на крајот од 2024 година од обвиненијата за серија сексуални злосторства против деца што биле извршени во истата област од 2000 до 2017 година.


