Гастрономско уживање од Дијана Иваноска: Сладолед со ф’стаци и малини
Дијана Иваноска со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување. Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.
Препорачано
– Го сакам секој дел од процесот, но најмногу уживам во фотографирањето на храната – ни открива Дијана.
Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно гастрономско уживање – сладолед со ф’стаци и малини.
– Одамна сакав да ја пробам комбинацијава и искрено немав некои големи очекувања, но ова излезе предобро. Убавината на рецептов е што не мора да користите машина за сладолед, а се добива кремаст сладолед без мразулци. Основата е од само две состојки, без ванилата, а опциите за додатоци се бесконечни. Може да додадете овошје по желба, јатки, карамел, чоколада… Овој пат е со ф’стаци и малини, комбинација што мора да ја пробате – порачува Дијана.

Состојки:
За сладоледот:
– 400 милилитри течна павлака за десерти по можност со млечни масти
– 300 мл слатко кондензирано млеко
– 1 лажиче ванила
Додатоци:
– 100 грама ф’стаци сечкани
– 200 грама пире од малини (изработете ги 2 – 3 минути во блендер)

Подготовка:
Важно е павлаката и слаткото кондензирано млеко да бидат ладни. Оставете ги во фрижидер неколку часови, најдобро преку ноќ.
Во длабок сад ставете ја павлаката и матете со миксер додека се згусне. Додајте го кондензираното млеко и ванилата и матете додека добиете изедначена смеса.
На крај, додадете ги ф’стаците и малините и измешајте кратко.
Префрлете ја смесата во сад со капак и ставете ја во замрзнувач на неколку часови.
Извадете го сладоледот од замрзнувач неколку минути пред да го послужите.
Уживајте!


