Гастрономско уживање од Дијана Иваноска: Колачи со лаванда и лимон

Фото: Приватна архива

Животот навистина може да биде беспрекорно вкусен, а тоа го потврдува и Дијана Иваноска од Тетово, која со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување.

Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.

„Го сакам секој дел од процесот, но најмногу уживам во фотографирањето на храната“, ни открива Дијана.

Дијана денеска ни споделува вистинско гастрономско уживање – бисквитни колачи со лаванда и лимон.

„Путерни, цитрусни, цветни… прекрасна комбинација на мирис и вкус“, порачува Дијана.

Фото: Приватна архива

Состојки:

– 270 г брашно
– 50 г шеќер
– 1 лажиче печиво
– 1 лажиче сода-бикарбона
– 1/2 лажиче сол
– 115 г путер (ладен и исечкан на ситни коцки)
– 2 лимони (кора и 4 лажици од сокот)
– 2 лажици мак
– 1 лажиче сушена лаванда
– 1 јајце
– 60 мл млеко

За прелив:

– 2, 3 лажици боровинки
– малку млеко (или сок од лимон)
– 100 г шеќер во прав

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Во еден подлабок сад измешајте ги брашното, шеќерот, печивото, сода-бикарбоната и солта. Ладниот путер истријте го во брашното додека добиете ронлива смеса. Во млекото измешајте го сокот од лимон. Во брашното додајте ја кората од лимон, лавандата и макот. Јас лавандата ја мелев во мелница за кафе, но ако сакате, може и да ги ставите цели сувите цветчиња. Во млекото со лимоновиот сок измешајте го и јајцето и додајте го на сувите состојки. Замесете тесто, но немојте долго да го месите само колку убаво да се спои. Префрлете го тестото на хартија за печење и оформете круг со дебелина 2-2,5 см. Исечете го дискот на 8 парчиња. Разделете ги малку додека се печат. Премачкајте со малку млеко и печете околу 18-20 минути или додека поруменат по краевите.

Фото: Приватна архива

За преливот:

Стиснете ги боровинките низ цедалка. Додајте го сокот од боровинки во шеќерот во прав. Додајте малку млеко или сок од лимон додека преливот ја добие потребната густина. Овој чекор е сосема опционален, колачите се преубави и без прелив. Или можете да го направите преливот само со шеќерот и млеко или сок од лимон. Јас го ставив сокот од боровинки за да ја добијам бојата на лаванда. Уживајте во секое залаче со чаша ладно млеко или кафе.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот