ГАЛЕРИЈА: Деветгодишниот Никола, донираше матични клетки да ја спаси сестра си Ана Марија од леукемија

Фото: Клиника за хематологија

Деветгодишниот Никола денеска на Клиниката за хематологија даруваше матични клетки за да и го спаси животот на неговата 15 годишна сестра Ана Марија, која боледува од акутна леукемија. Ова е првпат во земјава дете помладо од 14 години да донира матични клетки.

Фото: Клиника за хематологија

Досега ако донорот беше помлад од 14 години тој беше испраќан во странство. Неделава на Клиниката за хематологија, едукатор од Полска спроведува обука за афереза – процедура со која матични хематопоетски клетки кои претходно се стимулираат со биолошки лекови да излезат во периферната крв, се издвојуваат за трансплантација.

Фото: Клиника за хематологија

-Овие клетки нема веднаш да ги аплицираме кај девојчето, затоа што прво ќе бидат криопрезервирани на температура од минус 180 степени со што ќе останат живи. Потоа, кога сестрата на Никола ќе влезе во ремисија на болеста, ќе и ги вратиме со претходно припремена високодозна хемотерапија. Клетките може да се чуваат бесконечно долго. Сестрата е дијагностицирана пред месец и половина. Веднаш баравме потенцијален донор, како единствена опција за спасување на животот. Во процедурата најпрво ги таргетиравме членовите на нејзиното семејство. Излезе дека нејзиниот брат е комплетно идентичен и се совпаѓа. Но, бидејќи се работи за деветгодишно момче, се обидовме во интернационалниот регистар да најдеме идентичен донор, бидејќи Никола е сепак едно деветгодишно момче, кое сака да игра фудбал, да чита книги и мислевме дека е подобро да биде дарител некој од несродниот регистар. За жал со Ана Марија ниту еден од тие 40 милиони доброволни дарители, не се совпаѓа. Единствена опција за живот за Ана Марија беше нејзиниот брат кој на мое задоволство со насмевка на лицето се согласи на оваа процедура. Никола кажа дека е тука да и го спаси животот на неговата сестра, изјави доктор Ирина Пановска Ставридис, директорка на Клиниката за хематологија.

Фото: Клиника за хематологија

Со процесот на афереза кој се воведува на Клиниката за хематологија, ќе може донори да бидат и деца, благодарејќи на меморандумот за соработка со Клиниката за детски болести на чело со професор доктор Аспазија Софијанова. И децата ќе можат да бидат потенцијални донори за да ја спасат фамилијата.

Фото: Клиника за хематологија

-Колку е тоа често? Акутната миопластна леукемија во последно време се почесто ја дијагностицираме кај млади луѓе, на возраст од 15 до 20 години. Тие имаат во семејството помлади сродници. Ако беа помлади од 14 години, досега не можевме да ги издвоиме и ги упатувавме надвор. Сега ќе можеме да го правиме тоа и во земјава. Сега ми е драго што чекориме рамо до рамо со најсовремените центри во Европа и нудиме комплетна услуга за македонските осигуреници. Можеме да издвоиме клетки. Минатата недела матични клетки беа испратени од Македонија, на минус 180 степени во Австралија. Пациентката се иселила во Австралија но сестра и која е идентичен донор беше идентификувана во Македонија преку регистарот на Институтот за имунологија. Таа се согласи да донира, процедурата се спроведе на Институтот за трансфузиона медицина и клетките отпатуваа во Австралија, рече доктор Пановска Ставридис.

Фото: Клиника за хематологија

Таа додаде дека за акутните миопластни леукемии можноста за преживување пет години по поставувањето на дијагнозата, се движи околу 60 проценти.

Фото: Клиника за хематологија

-Нашиот успех во спроведувањето на трансплантација е еднаков со светските центри. Апаратот не е скап, но важна е техниката. Многу сум задоволна за нашата соработка со Клиниката за детски болести. Учествуваат колеги од педијатрија во процедурата кои се нашата поддршка, додаде таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот