ГАК најавува: Наскоро абортусот ќе се извршува со таблетки

Фото Профимедиа

Кај нас овие таблети се достапни на црниот пазар и се применуваат во неконтролирани услови во последните десетина години, но досега не беше најден начин тие да влезат во системот.

Долгонајавуваната постапка за прекин на бременост со т.н. медикаментозен абортус наскоро ќе почне да се изведува на Клиниката за гинекологија. Оваа постапка за прекин на бременоста со помош на лекови се изведува на почетокот на бременоста и предност е што воопшто нема хируршка интервенција, за разлика од абортусот што сега се изведува.

Гинеколозите велат дека во западните земји веќе одамна не се прави класичен абортус, туку бременостите со 12. недела се решаваат со оваа неинвазивна метода. Кај нас овие таблети се достапни на црниот пазар и се применуваат во неконтролирани услови во последните десетина години, но досега не беше најден начин тие да влезат во системот.

Медикаментозниот абортус минатата година беше ставен во Законот за прекинување на бременоста. Тогаш регулативата беше променета и беа скратени процедурите во кои се одлучуваше за прекин на бременоста, односно носењето на одлуката повторно се врати кај жената, за разлика од претходниот период кога се бараше и одобрение од посебна комисија.

Од Клиниката за гинекологија велат дека тие се подготвени да почнат со примена на оваа метода, веднаш кога ќе ги добијат протоколите од Министерството за здравство. Од Министерството за здравство велат дека примената на медикаментозниот абортус ќе почне прво како пилот-проект во родилиштата, а потоа ќе се планира негова поширока примена. Пилот-проектот требало да почне досега, но бил одложен заради епидемијата. За да почне примената, треба да се регистрира препаратот, по што би можело прецизно да се утврди која од пилулите ќе биде ординирана кај матичниот гинеколог, до 9. гестациска недела.

„Оваа процедура треба да е во интеграција со најблиското родилиште за да може во случај на каква било компликација пациентката да биде згрижена, и покрај тоа што најмал ризик при прекин на бременост се очекува да се случи по медикаментозен прекин на бременост. Само на тој начин, во иднина ќе може да се обезбеди безбедна, регистрирана во системот процедура, како што е искуството и во другите земји“, објаснуваат од ресорното министерство.

Се очекува со пополнување регистар со одредени демографски податоци за пациентот во скоро време да имаме и соодветна статистика за артефицијалниот абортус, а со внесување ризик од причините за бременост од страна на мајката и плодот – точна статистика во однос на медикаментозниот абортус.

– До 12 гестациска недела медикаментозниот абортус е најчест начин за прекин на бременоста во западните земји, бидејќи е неиванзивен и многу ретко има  компликации. Но и покрај тоа мора да се направи исклучиво под контрола на гинеколог – вели претседателот на Здружението на приватни гинеколози Душко Филиповски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот