Функциите како на сточен пазар, Собранието дотогаш блокирано?

Ахмети, Заев, Фото: Драган Митрески

Премиерот Заев најави дека деновиве ќе почнат разговорите за заменичките места во Владата, иако според шпекулациите тие се веќе распределени уште при договарањето за владината коалиција помеѓу СДСМ и ДУИ, а во Собранието сè уште нема договор за позициите во собраниските комисии.

Извршната власт ќе се доформира во наредните денови, откако партиите СДСМ, Беса и ДУИ од владината коалиција ќе се договорат за распределбата на замениците-министри во Владата и директорите на позначајните секретаријати и агенции. Собранието, пак, сè уште е заглавено и не функционира затоа што во коалицијата потешко оди договорот која партија со која собраниска комисија ќе раководи.

Премиерот Зоран Заев викендов изјави дека сè уште не размислувал за замениците-министри, а неговиот заменик Артан Груби најави дека СДСМ и ДУИ ќе ги ротираат функциите во Владата.

– Јас сè уште немам одлучено затоа што првата седмица е време кога треба да се направи примопредавање и да се навлезе во работата на Владата, како и важните итни одлуки за граѓаните да се донесат. Следната седмица прв пат ќе размислам за тоа – рече премиерот Заев за распределбата на замениците-министри.

Според Груби, пак, двете партии ќе направат размена, односно онаму каде СДСМ има министер, ДУИ ќе добие заменик и обратно.

– Сметам дека ќе има размена меѓу двете наши партии, со што преземаме поголема одговорност за да го искажеме нашиот капацитет и новите задачи – најави Груби.

Пет заменици-министри за ДУИ, два за Беса

Според шпекулациите, ДУИ ќе има заменици-министри во министерствата за внатрешни работи, транспорт и врски, правда, здравство и одбрана. Исто така, се очекува да добие директорски места во МЕПСО, Агенцијата за државни патишта, Агенцијата за електронски комуникации, „М-НАВ“ и во Агенцијата за лекови „Малмед“, како што најави лидерот Али Ахмети минатиот месец веднаш откако беше објавен договорот меѓу СДСМ и ДУИ за нова владина коалиција.

Беса, партнерот на СДСМ од предизборната колалиција „Можеме“, која доби едно министерско место во ресорот Земјоделие, очекува две позиции на заменици-министри. Лидерот Билал Касани викендов најави дека разговорите со Заев се во тек.

– Како Движење Беса ќе разговараме со другите партнери на коалицијата за поделба на одговорностите и на другите ешалони и следните недели ќе имаме конкретен одговор – рече Касами.

Според најавите, извесно е дека оваа партија ќе добие заменици во министерството за образование и во министерството култура, а веќе се познати и имињата, односно Арафат Шабани ќе ја заменува Мила Царовска во Образование, а Седат Сулејмани ќе биде заменик-министер за култура. Заменик претседателот на Беса Абдуш Демири се очекува да раководи со Фондот за пензиско осигурување, со Македонска пошта или со Агенцијата за ветеринарство и храна. „Беса“ го бара челното место и во Агенцијата за млади и спорт, како и во Пазарниот инспекторат, Техничкиот инспекторат или во Управата за хидрометеоролошки работи.

Касами викендов не сакаше попрецизно да каже за кои директорски места преговара Беса и во која собраниска комисија ќе добие претседател.

– Откако ќе бидат формализирани сите назначувања на вториот и третиот ешалон во извршната власт под мое раководство како претседател на партијата ќе одржиме еднодневна конференција за транспаретност и декриминализација и ќе се обврземе за транспаретен, инклузивен пристап и бескомпромисна војна со корупцијата и криминалот. Ќе докажеме дека функционерите на движењето Беса ќе бидат пример за владеење за граѓаните и со граѓаните – рече Касами.

Сите ја сакаат Комисијата за европски прашања

Преговорите за комисиите во  Собранието одат потешко од оние за докомплетирање на Владата. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека партиите од владината коалиција имаат проблем да се договорат меѓусебе кој со која комисија ќе раководи, а тие како партија ги доставиле своите предлози за членови во комисите. Се шпекулира дека најголем проблем е што сите партии од владината коалиција сакаат да раководат со Комисијата за европски прашања и ниедна не попушта.

Касами викендов рече дека разговорите за собраниските комисии се уште траат и дека нема проблем во владината коалиција.

– Не би сакал да кажам дека тоа е проблем, но сигурно дека секоја од партиите сака да придонесе во комисии во кои најмногу ќе придонесе за граѓаните. Пратеничките групи се уште разговараат за тоа кој ќе ги предводи комисиите – рече Касами.

Во Собранието треба да се формираат 21 комисија. Во 20 од нив мнозинство ќе има владејачката коалиција, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе раководи со Комисијата за надзор на следењето на комуникациите. Според бројот на пратенички места коалицијата „Можеме“ на СДСМ ќе раководи со осум комисии, ВМРО-ДПМНЕ исто така со осум, ДУИ со три, а коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива со 2 комисии.

Спикерот Талат Џафери чека парламентарните партии да се договорат за да свика седница.

– Претседателот Џафери ќе ја свика седницата за формирање на работните тела на Собраниеето во моментот кога политичките партии ќе достават предлог. До овој момент таков предлог не е доставен од ниедна партија. Штом истиот биде доставен претседателот ќе може да свика седница – посочија во петокот од кабинетот на Џафери.

Собранието не може да почне да работи и да носи одлуки без да се формираат комисиите. Јавноста е во очекување на брзото формирање на функционални институции, што беше и една од главните причини што изборите беа организрани среде епидемијата од коронавирусот. Собранието треба да ги потврди одлуките за вонредна состојба на претседателот Стево Пендаровски и уредбите со законска сила што ги носеше техничката влада, и итно да да донесе законски измени со кои ќе се уреди новата учебна година што треба да почне од први октомври.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот