Французин од пензионери купил древна маска за 150 евра, па на аукција ја препродал за 4,2 милиони евра

Древна маска од Габон / Фото: Pascal GUYOT / AFP / Profimedia

Дилер во Франција се појави пред суд откако беше обвинет дека измамил пар пензионери, на кои им платил 150 евра за африканска маска која ја препродал за 4,2 милиони евра. Парот ја пронашол маската од Габон во домот на предок кој бил колонијален гувернер, пренесува Би-Би-Си.

Тие ја продале маската на дилерот во 2021 година, за да ја дознаат нејзината вистинска вредност по аукција шест месеци подоцна. Откако случајот бил отворен во вторникот, владата на Габон побара да се запре постапката и да се врати маската.

Сагата започна кога парот – кој има 80 години и живее во централна Франција – побара од дилерот да ја расчисти нивната викендичка во близина на јужниот град Алес. Куќата му припаѓала на Рене-Виктор Фурние, колонијален администратор на почетокот на 20 век.

Дрвената маска била пронајдена во шкаф. Дилерот тврди дека немал поим колку била вредна кога ја купил. Во март 2022 година, читајќи за аукцијата во градот Монпелие, парот открил дека станува збор за ретка маска „Нги“ од 19 век, направена од народот Фанг од Габон.

Во каталогот на аукциите се вели дека била собрана околу 1917 година од Фурние „во непознати околности“. Еден експерт тогаш рекол дека само околу 10 такви предмети некогаш биле направени од мајсторите на Фанг. „Оваа маска е поретка од слика на Леонардо да Винчи“, изјави тој за француските медиуми.

Маската – која аукционерите првично ја процениле на 300.000 евра – била купена за 4,2 милиони евра од неименуван понудувач. Двојката потоа покренала граѓанска постапка за да ја поништи продажбата.

Владата на Габон тврди дека маската на прво место била украдена и дека треба да се врати дома. Габон побара од судот да ја одложи својата одлука во очекување на одлуката по сопствената жалба. Во 2020 година, францускиот парламент гласаше за враќање на ценетите артефакти во Сенегал и Бенин кои биле ограбени за време на колонијалното време. Во Франција има околу 90.000 африкански артефакти, повеќето од субсахарска Африка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот