Францускиот предлог во фокусот во Скопје и Софија, Франција не ја потврдува автентичноста на предлогот

Знаме на РСМ и Република Бугарија / Фото: Архива на Слободен печат

Француските дипломати во Брисел одбиваат да кажат официјално дали предлогот објавен во бугарските и македонските медиуми е автентичен. Во другите земји членки на Европската унија засега сличен молк. Од друга страна, во Македонија и во Бугарија и вчера во фокусот беше францускиот предлог.

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи тврди дека во земјава формално не е доставен францускиот предлог, за кој, како што вчера изјави, ќе го кажеме својот став, кога ќе дојде време за тоа. Во Бугарија, пак, претседател Румен Радев вчера оцени дека францускиот предлог е чекор во правилна насока, но, според него, остануваат голем број прашања кои треба да се разјаснат пред да се укине ветото. Бугарскиот премиер Кирил Петков, пак, најавува дека нема да донесе никаква одлука без таа да биде поддржана од Народното собрание.

Во текот на последните неколку дена повеќе документи беа објавени во Бугарија и Македонија, меѓу нив и новата преговарачка рамка, која доколку е прифатена од сите страни, би била усвоена на 23 јуни на Европскиот Совет.

Министерот Османи вчера на прес-конференција рече дека земјава ќе го каже својот став за предлогот, откако ќе ги слушне забелешките на сите земји членки.

– Тоа што се случува е дека има предлог на претседателството до земјите членки, вклучувајќи ја и Република Бугарија, за да се изјаснат за одредени идеи кои што француското претседателство смета дека можат да бидат основа за продолжување на процесот. Јас мислам дека не е во наш интерес, ние да ги кажеме нашите позиции во однос на таквите предлози, додека не ги слушнеме позициите на земјите членки, откако земјите членки ќе ги изразат своите забелешки, а тоа се 26 земји членки, секоја да го каже свој став – рече Османи.

Нашата работа е да направиме длабински анализи, рече Османи, додавајќи дека се работи професионално, без емоции и во интерес на одбрана на државните интереси.

– Лесно е вие да го имате текстот и да кажете прв впечаток, наша работа е да направиме длабоки анализи за секој збор, за сите импликации кои што произлегуваат од тие зборови, за да го видиме поголемиот контекст што се случува на светско ниво, што се случува на европско. Кој е моментумот, кое е сценарио еден и кои последици би ги имало, сценарио два кои последици би ги имало. Верувајте, работиме професионално, без емоции, работиме во интерес на одбрана на државните интереси, имајќи го предвид вкупниот контекст во кој живееме – истакна Османи.

Своја оценка за францускиот предлог вчера даде и поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, кој смета дека предлогот на француското претседателство нè носи подалеку, а не поблиску до членство во Европската Унија.

– Клучното прашање е дали преку ваков договор сме поблиску до целта – членство во ЕУ. За мене, нема никакви дилеми. Со ваква рамка, ЕУ е подалеку од денес, кога се уште немаме почнато преговори – рече Димитров во изјава за Дојче Веле.

Тој објаснува дека предлози за решавање на проблем меѓу две страни секогаш прво доаѓаат до засегнатите страни, но фактот, како што вели,  што ваков предлог „воопшто паднал на маса веќе е дебакл за македонската дипломатија.”

– Внесувањето на бугарските барања во преговарачкиот процес, и тоа во најважниот дел – кластерот Фундаменти, ни ја става судбината целосно во рацете на Софија. Ако таа не е задоволна од што било (не само внесувањето на Бугарите во Уставот), ќе си стоиме во место или ќе нè вратат назад – вели Димитров.

И најголемата опозициска партија во земјава не се согласува со најновиот предлог, кој, според неа, е капитулација и бугаризација на земјата на рати. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го повика премиерот Димитар Ковачевски да не го потпишува предлогот, а доколку тоа се случи, тогаш, како што изјави, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема да применува ниту една точка од тој договор.

– Излези и одби го овој предлог. Ние стоиме позади тебе. Што се однесува до Бугарија сакам да посочам дека ниту јас, ниту ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати никаков понижувачки договор на штета на нашите национални интереси. Ако Владата реши да го носи надвор од Собранието или на сила, тогаш идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту една точка од овој договор да почитува и применува. Две третини или 80 пратеника менуваат Устав, а тоа зависи од ВМРО-ДПМНЕ. Додека ја сум претседател, нема да се смени Уставот за да бидат бугарските барања дел од него, рече Мицкоски на вчерашниот протест пред Владата.

Во Бугарија, пак, бугарскиот претседател оцени дека францускиот предлог е чекор во правилна насока, но дека остануваат голем број прашања што треба да се разјаснат за да се укине ветото. Радев смета дека барањето за вклучување на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија мора да се направи пред почетокот на преговорите.

– Не помалку важни се јасните механизми и мерливите критериуми за искоренување на десетгодишната политика на дебугаризација, кражба и фалсификување на бугарската историја, како и за обновување на уништените споменици и знаци на бугарството на овие земји и за зачувување на бугарското културно наследство.. – рече Радев, додавајќи дека очекува бугарската Влада да ги разјасни тие прашања и да побара јасни механизми и гаранции.

Владата, пак, останува на ставот дека ќе се почитува волјата на Народното собрание. Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера најави дека следната недела на Самитот во Брисел нема да оди со став на Владата во однос на францускиот предлог, туку со одлука на Народното собрание. Според  Петков, темата Северна Македонија е многу важен национален случај и за одлуката треба да има максимална вклученост.

– Пратениците ќе донесат одлука, ќе ја исполнам волјата на Народното собрание – рече Петков, одговарајќи на новинарски прашања.

Првиот чекор за започнување пристапни преговори на Северна Македонија со Европската унија, а тоа се нарекува првата меѓувладина седница, наведе Петков, е таа да започне откако тие ќе го променат Уставот, но откако ќе го променат Уставот, Бугарија да не може да ги сопре на патот.

–  А на нивна страна пак да им се гарантира дека ние нема да си измислуваме по еден услов секои шест месеци – рече Петков.

Лидерката на Бугарската социјалистичка партија (БСП) и вицепремиер во бугарската Влада вчера отворено го критикуваше бугарскиот претседател Радев, повикувајќи го да престане да шпекулира во врска со темата РС Македонија. Според неа, Радев го користи патриотизмот на Бугарите за личен рејтинг.

– Господине претседател, да се користи патриотизмот на Бугарите за личен рејтинг е подло – напиша Нинова на „Фејсбук”.

Нинова е децидна дека Владата нема да го укине ветото и дека единствено тело што може да одлучува за ова е Народното собрание на Бугарија.

Во дел од објавите во медиумите се наведува дека предлогот на Франција предвидува на 23 јуни годинава Советот за општи работи на ЕУ да ја усвои Преговарачката рамка за Северна Македонија и за истиот ден да закаже политичка меѓувладина конференција.

Како што наведе „360 степени”, кој имал увид во предлогот, Советот на истиот состанок ќе донесе и одлука дека следна меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори ќе се одржи веднаш штом Северна Македонија ја заврши процедурата за промена на Уставот заради внесување на Бугарите во Преамбулата.

– Всушност, станува збор за пакет од неколку документи, од кои два се најсуштествени – предлог-преговарачката рамка и предлог-заклучоците на Советот на ЕУ за состанокот идната недела. Првиот впечаток е дека станува збор за сет од документи во кои француското претседателство со ЕУ се обидело да направи баланс меѓу главните барања (црвените линии) на двете страни. Се предвидува на 23 јуни годинава Советот за општи работи на ЕУ да ја усвои Преговарачката рамка за Северна Македонија и за истиот ден да закаже политичка меѓувладина конференција. Советот на истиот состанок ќе донесе и одлука дека следна меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори ќе се одржи веднаш штом Северна Македонија ја заврши процедурата за промена на Уставот заради внесување на Бугарите во неговата преамбула – наведе „З60 степени”.

Пакетот-документи предвидува и дека кон заклучоците од првата меѓувладина конференција, Бугарија и Северна Македонија ќе достават унилатерални изјави за македонскиот јазик, кои ќе бидат приклучени само кон записникот од тој состанок, без да влијаат на содржината на преговарачката рамка.

Во предлог-преговарачката рамка, во сегментот за процедурите на преговарање, пишува дека Северна Македонија ќе усвои акциски план посветен на заштита на правата на малцинствата и заедниците, чие исполнување редовно ќе се следи на меѓувладините конференции.

Софискиот весник „Дневник” завчера објави дека француското претседателство со Европската Унија на земјите членки на ЕУ им понудило „формула за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија, која што се чини дека ги задоволува условите на Бугарија за давање согласност и повлекување на ветото”. „Дневник” наведе дека француската формула предвидува преговарачкиот процес со земјава да започне дури откако ќе се извршат уставни измени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот