Француска и јапонска фирма сакаат да ги градат Чебрен и Галиште
Проектот од 1963 година сè уште е во игра, се очекуваат и многу други енергетски инвестиции во вкупна вредност од 5,7 милијарди евра. Компании се пријавиле за 59 фотоволтаици. една гасна централа, 96 батериски складишта…
Француска и јапонска компанија се обратиле во Министерството за енергетика да пројават интерес за изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште, обелодени министерката за енергетика Сања Божиновска. Таа рече дека останува на ставот дека најдобро би било, со оглед на важноста на овие хидроцентрали, да ги изгради од државата, но дека проблем се парите.
Препорачано
– Секако дека е најдобро да биде државен проект. Буџетот, знаете, не е во најдобра состојба. Едно е желба, но сепак мора да ги гледаме нашите финансиски можности. Кога ќе се разгледа буџетот, се гледа што останува за капитални инвестиции. Сепак, ова е проект од најмалку една милијарда евра – рече Божиновска.
Таа посочи дека и реализацијата на овој проект би траела од седум до десет години, а на новинарско прашање дали ова значи дека државата не може за него да издвојува по 100 милиони евра годишно, во услови кога постојано останува голем нереализиран износ за капитални инвестиции, таа рече дека и таа го зборувала тоа во Владата, но дека ова не е единствен проект и други има важни, какви што се од областа на образованието, здравството…
Изградбата на хидроцентралите Чебрен и Галиште има стратешко значење за Македонија. Не само од аспект на обезбедување поголема енергетска независност со нови над 500 мегавати инсталирана моќност, туку и за обезбедување дополнителни две акумулации, кои ќе бидат резервоари за наводнување, но и за вода за пиење.
Божиновска реча дека во следните месец-два дена ќе има поконкретни податоци за овој проект.
Министерката најави и еден голем енергетски инвестициски циклус во вкупна вредност од 5,7 милијарди евра, затоа што се прифатени 67 иницијативи, од кои 59 се однесуваат на фотоволтаици и притоа вкупната инсталирана моќност би била 4.416,8 мегавати. Но, она што особено го истакна министерката е дека има иницијатива за изградба на 96 складишта на електрична енергија. Овој батериски систем е особено важен, затоа што ќе овозможи да се складира електричната енергија кога има вишоци, а ќе може и да се „игра“ со тргувањето со струја.
Според министерката Божиновска, ова не е само список на желби. Прифатени се иницијативи на сериозни инвеститори. Меѓу нив има и проекти на државната ЕСМ, а сите детали околу Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година се објавени во „Службен весник“ на 27 јануари. На прашањето кога би можела да се очекува изградбата на овие капацитети, министерката рече дека тоа зависи од повеќе фактори.
– Потребен е еден рок за да се изготват документи. За изградба на една мала фотоволтаична централа, потребни се некаде околу шест месеци. Но, прашање е колку време ќе патуваат панелите од Кина. Сега ако нарачате еден ветерен столб, се чека година или две, за гасна централа се чека исто две години. Сите тие фактори треба да се земат предвид и секако финансирањето – рече министерката.
Таа објасни дека и компаниите во следната фаза ќе бидат „врзани“ и со банкарска гаранција за секој киловат-час.
Меѓу проектите е и гасна централа. Интерес пројавила компанијата „Статус енерџи“, а треба да се гради во Вардарскиот Регион. Но, она што се наметна како новинарско прашање е до каде е дистрибутивната гасна мрежа.
Има нов директор на „Номагас“. Имавме состанок. Се прави еден акциски план, бидејќи имало застој. Се прави анализа што се случува со гасоводот од Грција, но во исто време се зборува и за гасоводот низ Македонија. Ние имаме сè на хартија. Има и за Чебрен и Галиште документ уште од 1963 година, има и документ за дистрибутивна мрежа, но треба да се реализираат. Сè уште не е финализирано на кој начин ќе се реализира дистрибутивната мрежа, дали, на пример, тоа ќе биде со јавно-приватно партнерство, но се работи на тоа – рече министерката.


