ФОТОГАЛЕРИЈА | Василичарски танц на Ковид вакцини и Биткоини: Дефилето на Вевчанскиот карневал нé насмеа за суровото секојдневие
Театарот го имитира животот, а Вевчанскиот театар секоја година традиционално ни го отсликува моменталниот живот кој го живееме во Македонија – со хумор во идејата и сатира во изведените маски.
На вечерта спроти Василица, штом се спушти ноќта, горномалската и долномалската тајфа василичари тргнува во обиколка на куќите. Маските на зетот и невестата, музичарите, Глупи август и ѓаволите ја испраќаат старата и дочекуваат новата православна година со пагански обичај веќе 1400… или подобро, 2200 години. А маските – симбол на што одбележа, но и што сакаме да нè одмине, да нè заштити или да си замине.
Веселото расположение кое зрачи низ креативните и описните маски на Вевчанскиот карневал се „хајлајт“ момент во македонската јавност секоја година, а оваа изобилуваа со сурово иронични пресликувања на поими кои дефинитивно го карактеризираат, но и натежнуваат „новиот нормален“ секојдневен живот.
Неопходноста и дискусиите за Ковид сертификатите, скандалозното патување на Новак Ѓоковиќ, контроверзното копање на биткоини и „највпечатливите“ ликови од политичката јавност изминатиот период како пратеникот Кастриот Реџепи, директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, поранешниот премиер Никола Груевски беа дел од маските кои ги придружуваа оние традиционалните и фантастичните.
Карневалот беше затворен денес попладне со традиционалното василичарско оро и палење на маските како дел од традицијата – па да видиме што ќе ни донесе и со што ќе нé почести во новата година!