ФОТО: Владиците Петар и Григориј меѓу гостите на Руската амбасада за Денот на Русија

Руската амбасада во Скопје, по повод националниот празник – Денот на Русија, одржа прием на кој, меѓу бројните гости, присуствувале и двајца митрополити на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) – преспанско-пелагонискиот, Петар и кумановско-осоговскиот, Григориј.
Како што објави амбасадата на Фејсбук, амбасадорот Сергеј Баздникин меѓу другото изјавил и дека „Русија е среќна за возобновувањето на евхаристичкото заедништво, откако минатата година Руската православна црква, прва по одлуката на Српската православна црква, ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА“.

Амбасадата го објави целото обраќање на Баздникин на свеченоста, во кое тој ја објаснува и ја правда руската инвазија врз Украина, меѓу другото.

„Денес Русија повторно треба да се бори за слобода и независност. „Колективниот Запад“ минатата година премина од лошо прикриено непријателство во однос на нашата земjа кон фактичко учество во конфликтот на страната на Киев. Криејќи во исто време зад Украина – всушност, неодвоив дел на Рускиот свет – коjа беше претворена во „анти-Русија“, во алатка за еднократна употреба за да ни нанесе максимална штета, „стратешки пораз“,“, рекол Баздникин пред присутните на свеченоста.

„Убеден сум дека сите присутни разбираат што се случува во текот на специјалната воена операција, за што се борат Вооружените сили на Русија. На оние кои до неодамна нè уверуваа во добри намери и желби за развивање на заемно корисна соработка, а сега шират русофобна пропаганда и испраќаат оружје на исток за да убиваат Руси, им потсетам: ние ги браниме нашата земја и нашиот народ.
Ќе продолжиме да го правиме тоа – доследно и ефикасно“, додал амбасадорот.
