ФОТО: Одрони од карпи, камења и земја кон Бањиче – единствената пешачка зона во Тетово

Фото: Слободен печат

Ерозивните процеси долж пешачката зона која води кон рекреативното место Бањиче повторно се активираа.

Но, деновиве камења, земја, на некои места и огромни карпи има долж целиот патен правец. Ризиците се огромни, но тетовци и натаму се уште го користат овој предел за одмор, релаксација и рекреација оти е единствената пешачка зона во Тетово.

Фото: Слободен печат

Тетовецот Гајур Љума вели дека два пати во текот на денот оди кон пределот Бањиче. Жално е посочува тој ова место да не се искористи. Тука покрај реката Пена и на „Шара“ ги „полнам батериите“, но и белите дробови со чист воздух. Стравот е присутен, внимавам, се движам подалеку од планината каде се активираат одроните. Но, крајно време е општината да преземе сериозни чекори во однос на овој долгогодишен проблем, кој ги засега тетовци оти во пролетниот и летниот период масовно го користиме ова рекреативно место.

Фото: Слободен печат

„Ова е најубавото место кое го има Тетово, но за жал оваа историја со овие одрони се повторува и не само овде туку и надолу има одрони. Сите гледаме дека е опасно, има одрони особено кога врне. Јас се надевам дека ќе се уреди, но треба да има и екипа која ќе го одржува патот. Сами гледате, тука секој викенд има многу луѓе, пешачат, единствено место каде излегуваме во природа и тоа треба да го зачуваме. Јас до Бањиче одам секој ден наутро и попладне. Жално е да не искористи оваа природа, ова е единственото место каде што можеме да дишеме слободно, што правиме ние за одржување на природата , целосно како држава не правиме ништо во споредба со европските стандарди кон кои се стремиме“, рече Љума.

За жал и свеста на народот е на ниско ниво, додава Љума. Разочаран е што постојано гледа како се фрлаат отпадоци и во најживописните предели на „Шара“.

Фото: Слободен печат

„Ако одите надолу ќе видите како се фрлаат отпадоци, камиони фрлаат смет, се обиделе надлежните да преземат мерки, но историјата продолжува и по реката има отпадоци, се е до свеста на народот, не е до општината или до државата. Но, како секаде во светот треба дисциплина, а таа може да се воспостави со казни“, вели Љума.

Од Општина Тетово велат дека се прават анализи за изнаоѓање на долгорочно решение за ерозивните процеси кон пределот Бањиче.

Фото: Слободен печат

„Таму за жал еден од проектите е реализиран несоодветно од претходната локална самоуправа и поради тоа особено на есен и пролет има одрони, ние мора да интервенираме и да го чистиме патот. Но, исто така веќе работиме заедно со УНДП кај најкритичниот дел кај централата да се направи нов потпорен ѕид. Но, исто така работиме во соработка со УНДП да се направи анализа за долж целиот пат каде има одрони, за да се најде долгорочно решение во иднина да не се појавуваат такви одрони, решенијата и размислувањата се во делот на градење на потпорни ѕидови или пак со повеќе зеленило да се обидеме да ја стабилизираме земјата, за да нема одрони во иднина“, вели градоначалникот на Тетово Билал Касами.

Патот и пешачката зона кон Бањиче беа обновени и проширени пред пет години. Уште тогаш геолозите предупредуваа дека делницата се проширува на сметка на планината со многу стрмни косини, што може да предизвика ерозивни процеси.

Фото: Слободен печат

За само една година тоа и се случи. На патот постојано паѓаат одрони, а теренот од можни свлечишта е заштитен на неколку места со мали потпорни ѕидови. Но досега, ниту минатата, ниту оваа локална власт, нема преземено сериозни превентивни чекори.

Фото: Слободен печат

Од претходната локална самоуправа пред година и половина на најризичните места направија т.н. каскадни системи, со цел да се заштити пределот од ерозивни процеси. Но овие зафати не се покажаа како ефективни. Токму на местата на каскадните системи, се појавуваат големи свлечишта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот