Фондација „Небрегово“: Блаже Конески ги задолжи сите генерации

Секретарот на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“, Атанас Конески, оствари средба со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.

Атанас Конески на средбата, во име на фондацијата „Небрегово“, на премиерот Заев му врачил плакета и признание како изрази на благодарност за неговата лична посветеност во поддршката на активностите на фондацијата за афирмација на животот и делото на Блаже Конески и за реализација на активностите за таа цел, кои се вклучени во Националната програма за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Конески.

Секретарот на Фондацијата на премиерот Заев му ги врачил и новите изданија предвидени со програмата, меѓу кои централно место имаат книгите „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, што е, всушност, реиздание на истоименото дело на академик Конески објавено во 1948 година, потоа репринтот на публикацијата „Граматичарот Конески“ по повод 65-годишнината од првото издание на граматиката на академик Конески, како и книгите „Конески инспирира и мотивира“ и „Македонската литература и македонскиот литературен јазик“ од Блаже Конески.

Премиерот Заев на средбата истакнал дека Владата на Северна Македонија, заедно со Министерството за култура останува целосно посветена на реализацијата на севкупната програма за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. „Блаже Конески со своето дело ги задолжи сите генерации да го чествуваат неговиот придонес за македонскиот јазик, неговото останато научно дело, неговата поезија, неговата културна и национална мисија, кои ги претставуваат највисоките и највозвишените богатства на македонскиот и на другите народи во земјата“, истакнал премиерот Заев на средбата.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 100, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-11 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот