Фирмите-неплаќачи одат во Обвинителството за организиран криминал

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, се вклучува во расчистување на случајот со фирмите кои ја злоупотребија државната помош за исплата на платите. Барањето за кривичен прогон, кое го испратил владиниот Генерален секретаријат веќе е стигнато до Основното јавно обвинителство, информираат од овој орган за „Слободен печат“.

-До Основното јавно обвинителство Скопје, во петокот, беше доставено Барањето за кривичен прогон во врска со финансиската поддршка реализирана преку владината програма за поддршка за работодавачите погодени од здравствената и економската криза. Барањето е поднесено од Генералниот секретаријат на Владата на РСМ. Веднаш по приемот и извршената анализа, Основното јавно обвинителство Скопје го препрати предметот на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, бидејќи во предметот пријавени се одговорни лица во правни лица кои имаат седишта во повеќе градови во територијата на РСМ, а нивните дејствија се преземени на штета на Буџетот на РСМ, јавните фондови или други средства на државата – соопштија од ОЈО.

Исплатата на платите е уредена со Законот за работните односи и Кривичниот законик. Членот 109 од ЗРО е јасен дека „платата се исплаќа најдоцна 15 дена по истекот на исплатниот период (месец)“. Со член 265 став 1 точка 10 од истиот закон е предвидена глоба од 3.000 евра за работодавачот (правно лице) и 900 евра за законскиот застапник (директорот) ако не е исплатена платата во законскиот рок. Според  Кривичниот законик, за повреда на правата од работен однос се предвидени дури и затворски казни.

Првично УЈП објави дека вкупно 708 газди за два месеци,  не исплатиле околу 385.000 евра на над 1.700 вработени. Но, по заканите дека ќе има јавна објава, списокот се сведе на околу 250 компании – неплаќачи. УЈП објави и дека околу 3.750 компании на речиси 53.000 работници им го скратиле и минималецот и исплатиле 1,5 милиони евра помалку. Списокот е на проверка во Министерството за труд, а финалниот износ и компаниите ќе се знаат по инспекцискиот надзор од  Трудовиот инспекторат.

Заклучно со плаќањата до 14 август, за април, плата не исплатиле 104 фирми, а за мај, таа бројка е 122. Најмногу вработени (86), чии што пари останаа неисплатени се од градежната компанија „Викторија инвест“. Дел од останатите се човек-фирми, со по еден или најмногу до 5 вработени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот