Финансиска полиција влезе на Клиниката за кардиохирургија – платите на некои доктори достигнувале 250 илјади денари
Минатата недела и вчера Управата за финансиска полиција влегла на Клиниката за кардиохирургија поради тоа што примиле анонимна пријава која што содржи наводи за сериозни злоупотреби кои што допрва органите ќе треба да ги испитаат. „Слободен печат“ имаше увид во пријавата која до Управата за финансиска полиција стигнала во август годинава а ја добивме од свиркач.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во неа се тврди дека Клиниката две години наназад имала енормно зголемен број на реверси, односно некои медицински средства што биле користени при операциите не биле набавени на тендер туку биле земени на заем. Овие материјали, според пријавителот, бидејќи биле набавени без тендер, не можело да бидат внесени во пресметките на пациентите.
„Поради ова, во пописот на крајот на годината, поради ненавременото раздолжување на материјалите има дискрапанца на кусоци и вишоци што вештачки го зголемуваат/намалуваат буџетот на клиниката. Пописот од 2023 година е успешно преработен додека пописот од 2024 уште не е корегиран со сума од приближно 60 милиони денари вишок (1 милион евра)“, се наведува во пријавата.
Се додава дека имало екстремно високи плати на одредени доктори и континуирани награди само на некои медицински сестри.
Распоредите на докторите кои што се истакнати не кореспондираат со електронската евиденција и исплатите на личниот доход, наведува пријавителот.
Во наводите на пријавата стои и дека имало лекари чија плата со сите додатоци достигнувала и над 250 илјади денари односно над 4 илјади евра, а дали нивното присуство на Клиниката може да се потврди со системот за „отчукување со картичка“ ќе утврдат органите.
Друг навод во пријавата е дека кога бил склучен тендер за јавна набавка на одредено медицинско средство, непосредно по потпишувањето била повлечена целата количина и цел материјал од тендерот бил донесен во просториите на клиниката што никогаш не се случило порано, а со тоа било доведено во прашање чувањето на материјалот во соодветни услови.
Директорот на Клиниката доктор Дејан Димитровски за „Слободен печат“ вели дека е точно оти на Клиниката за кардиохирургија имало претставници од финансиската полиција.
По нивно барање, им беше ставена на увид документација за материјално-финансиско работење и електронска евиденција на клиниката за период од 2022 до Октомври 2025 година. Дополнително, од моја страна беше побарано да се прошири увидот и на документацијата од претходните години, почнувајќи од 2015 година, со цел целосна и транспарентна проверка на работењето. Клиниката целосно соработува со надлежните институции и останува посветена на транспарентност и законитост во своето работење, ни рече директорот на клиниката.
Се обративме во Управата за финансиска полиција со прашања за нивните активности на државната клиника од стратешко значење за македонското здравство, но одговори до објавувањето на овој текст не добивме.
Годинава на Клиниката се појави голем проблем – недостиг на анестезиолози клучни за операциите.
Областа поврзана со операции на срце е актуелна и зашто Министерството за здравство формираше Комисијата да испита дали без медицинска потреба се вршеле операции на срце. Комисијата беше формирана откако кардиологот доктор Сашко Кедев рече дека е запознаен со такви случаи. Првичните наоди на Комисијата се дека од 19 кардиоваскуларни операции за 10 немало потреба, но не беше откриено во кои болници се вршеле ваквите интервенции ниту кои доктори ги извеле.


