Филозофскиот факултет во Љубљана објави избор со песни кои ги откриваат врските помеѓу човекот и животните

Насловна корица на книгата

Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана ја објави книгата „Човекот за животните и животните за човекот во современата словенска поезија“, каде што како уредник на изданието се појавува познатата професорка и преведувачка Намита Субиото.

Книгата содржи разновиден избор на текстови од современата бугарска, чешка, хрватска, македонска, полска, словачка, српска и украинска поезија, кои го тематизираат односот меѓу човекот и животното.

Изборот е објавен на оригиналниот јазик на кој е напишана песната проследена со препев на словенечки јазик. Преводите се обезбедени од етаблирани преведувачи, предавачи и студенти од студиските програми на Катедрата за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, а под менторство на повеќе предавачи.

Наизменично со песните, како илустрации во книгата се поместени восхитувачки креации на учениците на Љубљанската школа за дизајн и фотографија, кои преведуваат избрани песни на визуелен јазик под водство на своите учители.

Книгата прво била објавена како електронско издание, но токму ликовниот момент бил пресуден истата да добие и печатено издание. Од македонските автори во книгата се застапени поетесата Лилјана Дирјан и поетот Игор Исаковски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 187, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16.7.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот